Џоана се повлекува од НАТО, се кандидира за претседател на Романија

Заменик генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана, претседава со седница на Северноатлантскиот совет (НАЦ) со Советот на министри на Босна и Херцеговина, во Сараево, на 1 февруари 2024 година.

Заменик генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана следната недела ќе се повлече од функцијата генерален секретар на Алијансата, за да се кандидира за претседател на Романија, потврди тој за Радио Слободна Европа.

На 3 септември Џоана го информираше генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг дека на 10 септември ја напушта функцијата во Алијансата.

Функцијата заменик генерален секретар на НАТО ќе ја преземе Германецот Борис Руге, поранешен заменик генерален секретар за политички прашања и безбедносна политика на Алијансата, кој го предводи тимот задолжен за политички прашања во Меѓународниот генералштаб на НАТО.

Видете и ова: „Политико“: Шекеринска и Габриел кандидатки за заменички на генералниот секретар на НАТО

Борис Руге моментално е заменик генерален секретар на НАТО за политички прашања и безбедносна политика.

66-годишниоt Мирчеа Џоана е заменик генерален секретар на НАТО од октомври 2019 година.

Во Романија, тој беше претседател на Социјалдемократската партија (ПСД) од 2005 до 2010 година, а во 2009 година, кандидат на таа партија за функцијата претседател. Тој тесно ја загуби трката од Траиан Басеску, со разлика од 0,66 отсто.

Помеѓу 2008 и 2011 година Џоана беше претседател на романскиот Сенат и министер за надворешни работи на Романија помеѓу 2000 и 2004 година.

Пред политичката кариера, од 1996 до 2000 година, во дипломатскиот дел од кариерата беше амбасадор на Романија во САД.