На дневен ред на денешната собраниска седница е интерпелацијата за спикерот Африм Гаши. Интерпелацијата е поднесена од пратеничката група на Левица, а според најавите, поддршка ќе даде опозициската СДСМ, додека ВМРО-ДПМНЕ и коалициониот партнер „Вреди“ нема да дадат поддршка.
Претседателот на Собранието Гаши на брифингот со новинари на 27 август изјави дека интерпелацијата не е политички издржана. Тој се надева дека на седницата ќе има соочување на аргументи и, како што рече, како ќе одлучи пленумот, така ќе постапи.
Во изјава за телевизија „Сител“ дадена вчера Гаши рече дека би сакал секој пратеник да гласа и да одлучи по свое сопствено убедување.
Во образложението за интерпелацијата се наведува дека собранискиот спикер работел нестручно, неуставно и неделовнички и ја повредил секуларноста на државата, бидејќи дозволил извршување на верски обреди на една од седниците на комисиите. Наведен е и случајот со косовската претседателка Вјоса Османи на скопскиот аеродром на 1 Август , а според Левица, собранискиот спикер направил и повреда на употребата на македонскиот јазик затоа што заклетвата што ја дал ,како веќе избран претседател, прво ја кажал на албански, а не на македонски јазик