Достапни линкови

Владината коалиција конструктивна, ама партнерите се караат


Северна Македонија - Влада на Република Северна Македонија, 23 јуни 2024 година
Северна Македонија - Влада на Република Северна Македонија, 23 јуни 2024 година

И покрај тоа што помалите партнери во Владата, ЗНАМ и коалицијата „Вреди“ на дневна основа разменуваат невообичаени пораки за партии - партнери во власта, Мицкоски изјави дека коалицијата функционира беспрeкорно. Аналитичарите велат дека коалициските партнери ги обединува расположението против ДУИ

Утре навршуваат само два месеци откако беше избрана новата влада на премиерот Христијан Мицкоски, на 23 јуни 2024, а два од трите коалициски партнери досега успеаја повеќе пати јавно да ги спротивстават ставовите за теми што би требало да бидат усогласени со заедничката програма за работа на Владата.

Такви се употребата на албанското знаме во кабинетите, идејата за формирање Албанска академија на науките и уметностите, како ќе се пресметува т.н „балансер“ за правична застапеност на заедниците во институциите, присуството на собранискиот спикер Африм Гаши на свадба во Косово со службено возило, за да ескалира со обвинувања за тој кој каква политика води и дали се однесува како ДУИ кога беше во власта.

И покрај тоа што помалите партнери во Владата, ЗНАМ и коалицијата „Вреди“ во последната недела на дневна основа разменуваат невообичаени пораки за партии што се партнери во власта, Мицкоски денеска изјави дека владината коалиција функционира беспрeкорно.

„Амбиентот внатре е навистина конструктивен. Логично е и дома да сте, да имате различни ставови по некои прашања, но секогаш се наоѓа решение. Тоа што е важно е дека оваа влада има поддршка од повеќе од две третини од пратениците во Парламентот и тоа е она што мене ме прави горд и што ме инспирира како Влада да продолжиме да градиме за граѓаните. Инаку, опозицијата ќе се обидува да создава еден таков тип пораки во јавноста но состојбата е многу конструктивна. Без исклучок, сите кои се дел од владината коалиција, на дневна основа се трудат да направат нешто добро за државата и за граѓаните“, изјави Мицкоски.

Аналитичарите, пак, велат дека заострената реторика меѓу двата помали партнери не значи и крај на владината коалиција.

Ако се толку различни, зошто седат во иста Влада?

Во одговорите за РСЕ за тоа што ќе значат несогласувањата за коалицијата, и од ЗНАМ и од „Вреди“ се повикуваат на програмата за работа на владата - и едните и другите бараат програмата да се почитува.

На прашањето ако се толку различни, зошто седат во иста Влада, од ЗНАМ велат дека влегле во Владата за да бидат нејзин коректив ако има потреба од тоа. Велат дека тие принципиелно реагираат кога има прекршувања на закони или одредени аномалии и така ќе продолжат и во иднина.

„Ние се водиме од договорот со ВМРО-ДПМНЕ за наше учество во Владата. Впрочем, и најважна работа во преговорите за состав на владата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ беа принципите и начинот на кој ќе функционира Владата. Најголемо внимание на тоа посветивме, не ни беше важно кој ќе биде министер или директор. Инсистираме да се почитуваат принципите, владината прогарама. Тоа не важи само за функционерите на „Вреди“, туку и за оние на ВМРО-ДПМНЕ и за нашите функционери. Јавно ќе ги опоменеме кога ќе грешат. Од наша страна нема никакво политиканство, нашите политики се принципиелни и се конзистентни уште од кога се формираше ЗНАМ, преку кампањата и сега со учеството во владата“, изјави Никола Мемов, портпарол на ЗНАМ, за Радио Слободна Европа(РСЕ).

Фари Хисени, портпарол на „Вреди“, вели дека „Вреди“ работи по усогласена програма за работа на Владата со сите коалициски партнери.

„И ЗНАМ гласаше за таа програма, а сега водат дневна политика која им оди во прилог, дали им е потребно внимание или во прашање се локалните избори во Куманово, која е мултиетничка општина? Ги повикуваме и ЗНАМ заедно да ги исполниме заложбите на Владата“, изјави Хисени за РСЕ.

Претходно, Арбен Таравари, еден од лидерите на „Вреди“, му порача лидерот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, да внимава што зборува оти идната година го чекаат локални избори.

„Господинот Димитриевски гледам дека сака да поентира за да добие политичка поддршка. Јас го потсетувам дека пред три години беше избран за градоначалник со огромен број албански гласови. Идната година се локалните избори, најверојатно, повторно ќе му требаат. Нивото на коешто комуницира г-динот Димитриевски воопшто не ми се допаѓа и не би сакал да дискутирам повеќе за тоа“, изјави Таравари на 21 август.

Предупредувањето од Таравари следуваше откако Димитриевски ден претходно му порача на „Вреди“ да престане да го имитира ДУИ. Дури, во прашање беше ставено дали тие се коалициски партнери.

„ЗНАМ е партнер со ВМРО-ДПМНЕ во оваа власт и во ниту еден момент ние немаме како политичка партија разговарано за каква било коалиција или поддршка, заемна, на централно ниво. Но сепак тие се партнер на нашиот партнер. Го почитуваме тоа“, изјави Димитриевски.

Од „Вреди“ вратија дека тезата дека ЗНАМ се партнери само на ВМРО-ДПМНЕ „е наивен популизам со краток здив“.

Ги обединува расположението против ДУИ

Политичкиот аналитичар Џељаљ Незири потсетува дека секој од трите партнери во Владата влезе во владина коалиција со сопствени наративи.

„За ВМРО-ДПМНЕ на прво место беше "ослободување" на државата од канџите на ДУИ, за „Вреди“ беше бришење на "20 проценти" во Уставот и унапредување на статусот на Албанците, додека ЗНАМ влезе со приказната за оневозможување уставни измени согласно Францускиот предлог. Сите три партнери засега ги обединува нивниот анти-ДУИ сентимент, кој може да ги држи обединети во одреден временски период, но не низ целиот мандат. Политичката прагма ќе налага нови композиции ако партнерите во владина коалиција не успеат да изградат кохезија, синергија во имплементација на владината програма и взаемна доверба. Овие елементи се отсутни засега, но тоа не значи дека е крај за коалицијата“, изјави Незири за РСЕ.

Според него, првата година секогаш е тест период, кога партнерите пробуваат да владеат заедно.

„Дали и по една година ќе остане истата коалиција ќе зависи и од настаните кои ќе се случуваат внатре во коалицијата „Вреди“. Ако не успее да прерасне во една добро организирана партија, тогаш ќе има ново регрупирање кое ќе се одразат и во владината коалиција“, смета Незири.

Башким Селмани, професор по правни и политички науки на Универзитетот во Тетово, вели дека „проблемите“ за кои се препукуваат партиите во власта, не се и реални проблеми на граѓаните.

„Висината на јавниот долг, стандардот и влезот во ЕУ се интересите на државата, но партиите не се занимаваат со тоа. Не излегуваат од старата матрица, само прават циркус. Владата ќе опстане, никому не му е во интерес да има избори“, вели Селмани за РСЕ.

Новата Влада на Северна Македонија беше формирана на 23 јуни, по парламентарните избори од 8 мај, на кои до тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ освои убедлива победа над СДСМ и ДУИ.

По изборите, ВМРО-ДПМНЕ има 58 пратеници во Собранието, „Вреди“ доби 14 пратенички места, а ЗНАМ освои шест мандати.

Опозициските ДУИ и СДСМ освоија по 18 пратенички места. Уште шест пратеници се на партијата Левица.

XS
SM
MD
LG