Екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АФД) за првпат победи на регионалните избори во неделата во покраината Тирингија, додека во соседна Саксонија партијата се бори за првото место со Христијанско-демократската унија (ЦДУ), покажуваат излезните анкети, јавува агенцијата Франс Прес (АФП).
АФД освои меѓу 30,5 и 33,5 отсто од гласовите во Тирингија, а меѓу 30 и 31,5 отсто во Саксонија.
Социјалдемократите на канцеларот Олаф Шолц забележаа нов изборен пад со рејтинг меѓу 6,5 и 8,5 отсто во овие два региона.
Право на глас имаа околу 3,3 милиони луѓе во Саксонија и речиси 1,7 милиони во Тирингија.
Видете и ова: Политичкиот пејзаж на Германија во опасност од подемот на екстремните десничарските и леви силиНа 22 септември следуваат уште едни избори, овој пат во источната покраина, Бранденбург, која моментално е предводена од социјалдемократите на Шолц.
Следните парламентарни избори во земјава треба да се одржат за околу една година.
Во Германија никогаш по Втората светска војна екстремно десничарска партија не завршила на првото место во ниту една покраина.
Копретседателката на АФД, Алис Вајдел, го опиша гласањето на 1 септември како „важна пресвртница за националните парламентарни избори следната година“.
АФД е најсилната партија на поранешниот комунистички исток на земјата и домашната разузнавачка агенција ги држи ограноците на партијата и во Саксонија и во Тирингија под официјален надзор како „докажани десничарски екстремистички групи“.
Лидерот на партијата во Тирингија, Бјорн Хоке, е осуден за намерно користење нацистички слоган на политички настани, случај за кој во тек е жалбена судска постапка.
ЦДУ владее со Саксонија од обединувањето на Германија во 1990 година.
Политиката во Тирингија, пак, е особено комплицирана затоа што левата партија на гувернерот Бод Рамелоу на национално ниво падна на безначен рејтинг. Сахра Вагенкнехт, долго време една од најпознатите личности на оваа партија, минатата година ја напушти и формираше нова партија, Сојузот на Сахра Вагенкнехт (БСВ), кој сега ја надминува Левицата.
ЦДУ долго време одбива да соработува со Левицата, која произлезе од владејачките комунисти во Источна Германија. Но, ЦДУ не ја исклучи можноста за соработка со БСВ на Вагенкнехт.
Видете и ова: Талис: АфД го користи незадоволството на Германија, но мнозинството е против „Дегзит“Силната поддршка за АФД и БСВ е поттикната од незадоволството од националната влада, која е позната по внатре коалициските недоразбирања. Двете партии (АФД и БСВ) се најсилни на помалку богатиот исток на земјата.
АфД ќарува поени од силните антиимигрантски чувства во регионот. По минатонеделниот напад со нож во западниот град Солинген, за кој беше обвинет екстремист од Сирија, германската влада најави нови ограничувања за ножевите и нови мерки за олеснување на депортацијата.
Ставот на Германија кон војната во Украина е исто така едно од важните прашања. Берлин е вториот најголем снабдувач на оружје за Украина по САД, а токму тоа е нешто на што се противат и АФД и БСВ.