Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ја продлжува посетата на Србија.
Тој и српскиот претседател Александар Вучиќ вчера во Белград склучија договор за продажба на 12 француски борбени авиони Рафал на Србија.
Макрон, по средбата со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, оцени дека станува збор за историски важен договор.
Тој рече дека на Европската унија и е потребна силна и демократска Србија и дека одлуката за купување на „Рафал“ е стратешки и долгорочен избор во таа насока.
На новинарско прашање дали купувањето на борбени авиони Рафал значи свртување на Србија кон Запад и оддалечување од Русија, францускиот претседател рече дека ова е стратегиска промена и показател за европскиот дух кој придонесува за мир во Европа.
„Гледам толку многу луѓе кои ја навредуваат Србија затоа што има партнерство со Русија или Кина, а сега има партнерство со Франција. Ова е навистина голема промена“, рече тој.
„Го почитувам суверенитетот на Србија и ги почитувам партнерствата со другите земји, но ова е отворање, стратешка промена која треба да се истакне бидејќи навистина е голема храброст и е шанса за Европа и ова е навистина показател за европскиот дух. “, додаде Макрон.
На истото новинарско прашање, Вучиќ рече дека Србија „нема да го промени својот став“.
Знам дека Емануел (Макрон) би сакал да воведеме санкции кон Русија, знам дека би сакал, но ние нема да го направивме тоа и не се срамиме“, рече Вучиќ.
Србија, иако го поддржува територијалниот интегритет на Украина, не воведе санкциите кон Русија поради инвазијата на таа соседна земја, како што бараше Европската Унија.