Семејствата бегаат по новите израелски наредби за евакуација во Газа

Илустрација

Израел доцна во неделата издаде нови наредби за евакуација на Деир Ал Балах во централниот дел на Појасот Газа, принудувајќи повеќе семејства да побегнат, затоа што израелските сили имаат намера да дејствуваат против милитантната група Хамас која Соединетите држави и Европската Унија ја прогласија за терористичка организација.

Во последните денови, Израел издаде неколку наредби за евакуација низ Газа, најмногу од почетокот на 10-месечната војна, што предизвика негодување од Палестинците, Обединетите нации и претставниците на хуманитарната помош поради намалувањето на хуманитарните зони и отсуството на безбедни области.

Видете и ова: Израел и Хезболах се приближуваат до конфликт кој не го сакаат

Локалните власти во Деир Ал-Балах соопштија дека израелските наредби за евакуација досега раселиле 250 илајди луѓе.

Во соопштението објавено на социјалната платформа X порано позната како Твитер, израелската војска ги повика жителите во одредени зони веднаш да се преселат на запад, бидејќи областа во која се наоѓаат „се смета за опасна борбена зона“.

Во израелските воени напади во понеделникот загинаа најмалку седум Палестинци, соопштија медицинските лица.

Новите израелски наредби принудија многу семејства и пациенти да ја напуштат болницата Ал Акса, главната медицинска установа во Деир Ал-Балах, каде што стотици илјади жители и раселени луѓе се засолниле, поради страв од бомбардирање.