Бугарскиот претседател Румен Радев го прифати предложениот кабинет на вршителот на должноста премиер Димитар Главчев. Со оваа одлука Бугарија доби привремена влада која ќе има задача да ги подготви седмите парламентарни избори во последниве три години.
При прифаќањето на списокот на министри на Главчев на 26 август, Радев најави дека на 27 август ќе го потпише указот за закажување парламентарни избори на 27 октомври.
Според предложениот кабинет, Атанас Илков е предложен за министер за внатрешни работи наместо Калин Стојанов, Иван Кондов за министер за надворешни работи наместо самиот Главчев, а досегашниот министер за транспорт Георги Гвоздејков го замени Красимира Стојанова.
До ова дојде откако претседателот Радев претходно одби да го потпише указот за преодната влада на Горица Гранчарова-Кожарева, а причината беше што таа не се согласи да го смени актуелниот министер за внатрешни работи Калин Стојанов.
Сега наместо Стојанов, Главчев го предложи директорот на Главната управа на Националната полиција Атанас Илков. Уште пред да биде објавена неговата номинација, од ПП-ДБ соопштија дека имаат забелешки за Илков и го поврзуваат со Делијан Пеевски.
Видете и ова: Ја губи ли бугарскиот олигарх, Делијан Пеевски контролата врз власта?Сепак, Радев го прифати предлогот и му честиташе на Главчев дека „ги послушал повиците и очекувањата на општеството за намалување на политичката тензија и зајакнување на гаранциите за одржување фер и слободни избори“.
Претседателот ја дефинираше борбата против „купениот и контролиран глас“ како примарна задача на новиот кабинет.
Радев беше принуден на овој потег откако политичарите три пати не успеаја да состават коалициска влада по неубедливата победа на изборите во јуни годинава.