Павел Дуров, основач и извршен директор на апликацијата за пораки Телеграм, беше приведен на аеродромот Бурже во близина на Париз вечерта на 24 август, објавија француските медиуми, повикувајќи се на неименувани извори.
Француско-рускиот милијардер (39) наводно пристигнал од Азербејџан со својот приватен авион, објави Радио Слободна Европа на англиски јазик.
Се очекува Дуров да се појави пред суд на 25 август за наводни прекршоци поврзани со популарната апликација за пораки.
Француските власти засега не го коментираат приведувањето. Но, еден од изворите рече дека француската ОФМИН, канцеларија задолжена за спречување насилство врз малолетници, издала налог за апсење на Дуров во прелиминарна истрага за наводни прекршоци, вклучувајќи измама, трговија со дрога, сајбер-малтретирање, организиран криминал и промовирање тероризам.
Видете и ова: Со порастот на популарноста на Телеграм, дали секој Украинец има „шпион во својот џеб“?Дуров ја напушти Русија пред десет години, а во 2021 година доби француско државјанство. Досега главно престојуваше во Обединетите Арапски Емирати, каде е и канцеларијата на неговата компанија.
Тој претходно ја создаде руската социјална мрежа ВКонтакте, а во 2013 година ја лансираше мрежата Телеграм, која има околу 950 милиони активни корисници.
Дуров е главниот сопственик на оваа платформа, чија вредност се проценува на 30 милијарди долари.
Руската инвазија, која започна во февруари 2022 година, помогна да се зголеми популарноста на Телеграм во Украина.
Во првото големо интервју по седум години, кое го даде на 17 април на американскиот водител Такер Карлсон, Дуров уверуваше дека целта на Телеграм е да биде „неутрална платформа“, а не „играч во геополитиката“.
Сепак, критичарите во Украина се загрижени дека апликацијата шири дезинформации и ги олеснува нелегалните активности. Некои го обвинуваат Телеграм за врски со руската држава и за придонес во нејзините воени напори, а украинскиот парламент поднесе нацрт-закон чија цел е да го регулира работењето на платформата.