Владината коалиција функционира беспрекорно и амбиентот внатре е конструктивен, изјави премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по вчерашните препукувања меѓу владините партнери ЗНАМ и ВЛЕН.
Според Мицкоски, логично е да има различни ставови по некои прашања, но важно е секогаш да се наоѓа решение.
Важно е, вели Мицкоски, да се напомене дека оваа Влада има поддршка од повеќе од две третини од пратениците во Парламентот и тоа, според него, е важно затоа што граѓаните очекуваат резултати.
„Инаку, опозицијата ќе се обидува да создава таков тип на пораки во јавноста, но состојбата е многу конструктивна и без исклучок сите кои се дел од владината коалиција на дневна основа се трудат да направат нешто добро за државата и граѓаните, што е многу важно“, рече Мицкоски кој присуствуваше на поставување на камен темелник на спортска сала во Огњанци, Петровец.
Видете и ова: Искри во „медениот месец“ на владината коалицијаРеакцијата следува во период на партиските препукувања помеѓу владините партнери Коалицијата ВЛЕН и претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски.
Максим Димитриевски деновиве истакна дека е погрешно „Вреди“ (ВЛЕН), да го имитираат ДУИ, а ВЛЕН му вратија преку партиско соопштение каде апелираа до Димитриевски „да не му прави ќеиф на ДУИ“.