Позитивната листа се проширува со девет нови лекови

илустрација

Девет лекови, меѓу кои за висок притисок, срцеви заболувања, депресија и деменција, стануваат дел од позитивната листа.

Како што информираше денеска(21 август) министерот за здравство Арбен Таравари, станува збор за девет генерици претставени преку 87 лекови.

„Се работи за 87 лекови во различни форми, јачини и пакувања што имаат активна регистрација во нашата држава, девет генерици претставени преку 87 лекови. Помеѓу нив, опфатени се лекови за висок притисок, срцеви заболувања, анти-агреганси, лекови за третман на депресија, како и за деменција“, посочи Таравари.

Видете и ова: Сè повеќе пари се одобруваат за клиниките, но уште кубурат со лекови

Министерот посочи дека во процесот биле ангажирани експерти кои работеле на неколку законски измени, изработка на нов правилник со европски практики и нова методологија за ставање на лекови на позитивна листа.

„Ова е само почеток на процесот на проширување на позитивната листа“, потенцира Таравари.

Воедно, ги повика сите фармацевтски компании да продолжат со нивните апликации за ставање на нови лекови на позитивната листа.

Ставањето на нови лекови на позитивната листа во пракса значи дека пациентите ќе добиваат посовремени и поевтини лекови на рецепт, на товар на државата, наместо да ги купуваат од џеб и поскапо - често и од други држави. Затоа што листата не е ажурирана повеќе од една деценија, граѓаните добиваат застарени лекови иако постојат нови и поефикасни за нивната болест.