Достапни линкови

Сè повеќе пари се одобруваат за клиниките, но уште кубурат со лекови


Илустрација
Илустрација

За шест години за дури 42 пати се зголемиле сумите што Фондот за здравство ги одобрува за условни или дополнителни надоместоци за лекови. За 2023 година се предвидени околу 2,5 милијарди денари, што е двојно повеќе од лани. И покрај тоа, повторно се случува да нема лек за секој пациент.

Пациенти на Клиниката за онкологија и натаму секој пат кога одат да земат лекови не знаат дали ќе ги има.

„Се случува изминатите месеци да снема некој од лековите како „фезго„ и „херцептин“ што јас ги примам. Еве пред неколку месеци ги немаше цели две недели, а минатиот месец ги немаше еден ден“, вели за РСЕ пациентката Гордана.

А Клиниките повеќе од деценија добиваат дополнително пари секоја година кои ги одобрува Министерството за здравство, а потоа Фондот токму за набавка на лекови. Од година во година енормно растат сумите за т.н. „условни буџети“ што Фондот за здравствено осигурување (ФЗОРСМ) ги одобрува за клиниките да набават лекови за пациентите, но се случува кога ни тие пари не стигнуваат за секој пациент да добие лек. Ако се укинат условните буџети, или парите што Фондот им ги одобрува дополнително на редовните буџети, најголем дел од клиниките воопшто не ќе можат да набават лекови.

Вакви одговори добивме од директорите на универзитетски клиники со кои разговаравме, откако по скандалот на Онкологија, во собраниската Анкетна комисија се поставија прашањата како се случувале набавки на лекови без буџет за истите, со „препорака“ до Фондот за здравство да одлучи дали оваа пракса ќе ја продолжи и во иднина.

Износ на одобрени средства за условен надоместок за периодот од 2017 до 2023 година (во денари)
Износ на одобрени средства за условен надоместок за периодот од 2017 до 2023 година (во денари)

За 2023 година, ФЗО одобрил речиси 2,5 милијарди денари за условен надомест за лекови. Тоа е двојно повеќе од лани, кога биле 1,2 милијарди денари. Во 2017 биле одобрени 56 милиони денари. Односно, за шест години, од 2017 година досега, буџетот за условни надоместоци е зголемен за околу 42 пати!

Се купуваат скапи лекови што не се на позитивна листа

Годинава, со сумата од околу 2,5 милијарди денари се опфатени 136 лекови. Од нив, 129 се лекови кои не се наоѓаат на позитивната листа, која пак не е ажурирана од 2015 година. Лековите се наменети за од 6.100 до 6.200 пациенти на 13 клиники, ни одговорија од Фондот.

На врвот на листата е Клиниката за онкологија.

Условните буџети беа воведени во 2011 година. Со нив се обезбедуваат услуги што се дефицитарни или несоодветно планирани во годишните буџети на клиниките поради скапата терапија и методи на лекување.

Условни надоместоци за 2022 година
Условни надоместоци за 2022 година

„За одредени состојби, сите лекови ги набавуваме преку условните буџети – за ендокринологија, за ревмтаски и хематолошки заболувања,некои нови терапии...Има лекови што се поскапи и не можеме сами да ги платиме. Некогаш доцнат и затоа што фармацевтските компании ги немаат на лагер, па треба да ги набават. Ние фактурираме, поднесуваме извештај, па Фондот ни одобрува пари. Сето тоа е контролирано и нема место за злоупотреби, брифираат директори на клиники за РСЕ.

Притоа, услов за ваква набавка е клиниката да добие согласност од Министерството за здравство, а потоа Фондот да одобри пари.

Виолета Клисаровска, директорка на Клиниката за онкологија, во интервју за „Фокус“ потврди дека се уште има проблем со набавката на лекови.

„Во постапките за набавување на количествата на лековите сме обврзани да ги усогласуваме и ограничуваме според одобрениот условен буџет, а не според реалните потреби. Така адаптирани тие количини, скроени според буџетот уште при распишување на тендерската постапка, мене ми беше јасно дека секаде каде што ќе се скрои и ќе се скрати од реалното, како бумеранг ќе ни се врати по некој месец повторно на удар на клиниката, со периоди на недостатоци на лекови“, кажа Клисаровска за „Фокус“.

Клиника за неврологија преку условен буџет набавува лекови за мултипла склероза. Во 2021 година доделени се 110.256.417 денари, а за 2022 година се предвидени 113.912.351 денари за лекови за оваа болест.

Сериозни забелешки од ревизорите

Државниот завод за ревизија(ДЗР) ја анализирал документацијата за условниот надомест во ревизорскиот извештај за Фондот за здравствено осигурување за 2021 година. Проверена е документацијата на Фондот за условниот надоместок и на пет клиники - онкологија, ревматологија, неврологија, детски болести и хематологија. Тие опфаќаат 82% од вкупниот условен надоместок исплатен во 2021 година.

„Со анализа на добиените податоци констатиравме дека не се врши соодветна контрола на користењето на исплатените средства за условниот надоместок“, констатирале ревизорите.

Според извештајот, две клиники набавиле лекови по единечни цени повисоки од цените за кои е добиена согласност и за нив Фондот прифатил фактури во износ повисок за 36.388 илјади денари од одобрениот. Понатаму, од добиениот условен надоместок во четири клиники се искористени само 75% од средствата за набавка на лекови, а останатите се потрошени за редовното работење. Една клиника извршила набавка на овие лекови за 49% повеќе од договорениот условен надоместок и покрај тоа што нема обезбедено согласност и средства за таа намена, наведуваат од ДЗР.

Дали ќе „опстанат“ условните буџети?

Директорите и Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување ќе треба да одлучат дали ќе продолжат условните буџети на клиниките за скапи лекови. Ова го кажа Миле Сугарев, раководител на секторот за финансиски прашања во Фондот, при неговиот исказ на Анкетната комисија за Онкологија во Собранието, минатата недела.

Од Фондот ни потврдија - ќе ја продолжи праксата со утврдување на условни надоместоци како дел од вкупниот годишен надоместок за јавните здравствени установи. Притоа, од септември годинава е изготвено ново Упатство за тоа како се одобруваат и се контролираат парите од условните надоместоци. Така би требало да се обезбеди поголема контрола како клиниките ги трошат парите.

Фонд за здравствено осигурување на Република Северна Македонија
Фонд за здравствено осигурување на Република Северна Македонија

Проблем е и бројот на контролори. Сега, во централната служба на Фондот, има од петнаесетина контролори, од кои четворица се доктори и тројца се стоматолози.

„Информацијата дека има десет е погрешна, помалку се. Има и четворица внатрешни контролори и еден со овластување внатрешен контролор, вкупно петмина, иако треба да се трипати повеќе. Тоа е заедно со се раководителите на одделенијата коишто функционираат во секторот за контрола“, рече Цвете Серафимоски, директор на сектор за контрола во ФЗОМ, пред Анкетната комисија за онкологија.

Функционирањето преку условни буџети предизвика и партиски препукувања. Пратениците од ВМРО - ДПМНЕ во комисијата обвинија дека Фондот, иако од хумани причини, сепак дозволил незаконско работење на Клиниката за онкологија преку набавки на лекови над одобрениот буџет.

Одлука за формирање Анкетна комисија во собранието беше донесена на 20 септември, откако по наводите во јавноста за злоупотреба на лекови на оваа клиника, Јавното обвинителство отвори предистражна постапка. Сомнежите за злоупотреба на лекови на клиниката предизвикаа лавина реакции во јавноста и низа протести.

Анкетната комисија и сега работи, а трае и постапката во обвинителството. Случајот уште не е затворен и не се посочени евентуални виновници за можни злоупотреби со лековите за болните од рак.

XS
SM
MD
LG