Две лица уапсени, едно во бегство за убиството кај „Мавровка“

илустрација

Министерството за внатрешни работи го потврди убиството на едно лице кое се случило денеска (20 август) кај трговскиот центар „Мавровка“. Оттаму соопштија дека со огнено оружје е застрелано едно лице кое починало на местото.

„Од страна на полицијата веднаш се преземени оперативно - тактички мерки, затворање на дел од градското подрачје, преглед на повеќе домови и преглед на повеќе возила, во кои се вклучени специјални полициски сили, хеликоптери и дронови. Имено, на подрачјето на општина Чаир, забележено е патничко возило, кое се обидело да побегне, при што лицата од возилото пружиле отпор со употреба на огнено оружје. Полициските службеници возвратиле, по што едно лице е лишено од слобода. При преземањето понатамошни мерки, од слобода било лишено уште едно лице, а на полицијата е познат и идентитетот на третото осомничено лице кое е во бегство и за кое се преземаат мерки за негово пронаоѓање“, се наведува во соопштението на МВР.

Видете и ова: Пукање кај Мавровка, убиено едно лице

Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните дека во периодот што следува во некои делови од град Скопје ќе има зголемено полициско присуство со цел целосно расчистување на случајот.

Ова е второ пукање за помалку од 24 часа откако синоќа (19 август) во скопската населба Сингелиќ имаше престрелка по која едно лице со повреди беше пренесено во Градската болница.

„На 19.08.2024 околу 20.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул. Александар Македонски од патничко возило во движење било пукано во патничко возило ,,пасат” со австриски регистарски ознаки, при што со повреди се здобило едно лице кое е пренесено во Клинички центар“, информираа претходно од МВР.