Парламентарните избори во Бугарија, кои беа закажани за 20 октомври, се одложени на неодредено време, откако претседателот Румен Радев одби да потпише указ со кој ќе се одобри формирање на преодна влада.
Радев на 9 август ја именуваше заменик-претседателката на Ревизорската комора Горица Гранчарова-Кожарева за кандидат за вршител на должноста премиер, но сега има проблем со одобрување на нејзиниот кабинет.
Видете и ова: Радев ја именуваше Гранчарова-Кожарева за кандидат за в.д. премиерПричината за одбивањето на бугарскиот претседател да даде зелено светло за преодната влада на Гранчарова-Кожарева е што таа одлучи во Владата да го задржи Калин Стојанов за министер за внатрешни работи.
Одбивањето на Радев да го одобри владиниот кабинет значи дека сегашната техничка влада на Димитар Главчев ќе остане на власт додека да се избере нова.
Стојанов, кој е на чело на МВР, се обвинува дека е близок со копретседателот на партијата ДПС, Делијан Пеевски, кој отворено се залага тој да остане на чело на МВР. Пеевски е под санкции за корупција од САД и Велика Британија и се посочува како политичар кој има влијание во обвинителството.
Радев бараше кандидатката за премиер да понуди уште едно име за функцијата во МВР, но таа одби.
Видете и ова: Ја губи ли бугарскиот олигарх, Делијан Пеевски контролата врз власта?На 9 јуни во Бугарија се одржаа шести парламентарни избори во последните три години. Но и по нив, ниту една партија не успеа да состави Влада.
Според чл. 99 од Уставот на Бугарија, откако не е постигнат договор за Влада, претседателот по консултации со пратеничките групи и на предлог на кандидатот за привремен премиер, именува привремена влада и закажува нови избори во рок од два месеца.