Во „безмилосниот“ Синвар, Иран доби свој човек да го води Хамас

Јахја Синвар, водач на палестинското движење Хамас во Појасот Газа, гестикулира на сцена за време на митинг во градот Газа на 24 мај 2021 година.

Јахја Синвар - новиот политички лидер на Хамас, има многу блиски врски со Иран којшто го поздрави неговото назначување. Но, експертите велат дека односите меѓу Иран и Хамас - група која е означена за терористичка од САД и ЕУ, веројатно нема да се променат бидејќи Синвар е заглавен во Газа.

Познато е дека Јахја Синвар, наводниот архитект на смртоносниот напад на Израел на 7 октомври и кој ненадејно беше назначен за нов лидер на групата Хамас означена како терористичка од ЕУ и САД, има блиски врски со Иран.

Неговото назначување на 6 август за шеф на политичкото биро на палестинската група следеше по атентатот на неговиот претходник Исмаил Ханије во Техеран на 31 јули, чин за кој Иран и Хамас го обвинуваат Израел.

По смртта на Ханије, кој имаше силни односи со иранските официјални лица, најистакнатите имиња што требаше да се сметаат за негов наследник беа Калед Мешал - поранешен шеф на политичкото биро на Хамас и Калил ал-Хаја - истакната личност во бирото со блиски врски до Ханије.

Назначувањето на Синвар, кој беше шеф на Хамас во Газа од 2017 година, е големо изненадување бидејќи многумина не го земаа предвид факторот Иран, велат аналитичарите.

„Никој од нас, експертите за палестинските прашања, особено овде во Израел, не размислуваше за Синвар како личност која ќе го замени Ханија“, рече Јоханан Цореф, висок истражувач во Институтот за национални безбедносни студии со седиште во Тел Авив, кој е специјализиран за израелско-палестинските односи.

„Една главна причина зошто Синвар е нов лидер е Иран“, додаде тој.

Видете и ова: Во Доха започнаа преговорите за прекин на огнот во Газа

Синвар беше назначен по дводневни размислувања во Катар од страна на Советот на Шура - консултативно тело кое го избира политбирото на групата и има членови во Газа, Западниот Брег, израелските затвори и палестинската дијаспора.

Цореф рече дека критиките на Мешал за време на Арапската пролет на сирискиот претседател Башар ал-Асад во 2011 година - близок сојузник на Техеран, го направиле длабоко непопуларна личност меѓу највисоките ирански претставници.

Цореф тврдеше дека враќањето на Машаал на власт може да ги загрози односите на палестинската група со исламската република и Иранците „можеби би престанале да му даваат на Хамас сè што му е потребно за борба против израелските сили“.

Но, Синвар наводно е заглавен во Газа, каде што се крие од почетокот на војната со Израел во октомври. Ограничувањата на неговото движење и ограничената способност да комуницира со светот, значат дека Синвар е многу лимитиран во она што може да го направи.

„Не очекувам тој или Хамас да се зближат со Иран. Во овој момент, односот најверојатно ќе остане ист“, вели Јост Хилтерман - програмски директор за Блискиот Исток и Северна Африка во Меѓународната кризна група со седиште во Белгија.

Видете и ова: Повеќе од 40.000 Палестинци убиени во Газа

Формиран во израелските затвори

Исто така познат по неговите поддржувачи како Абу Ибрахим, 61-годишниот Синвар е роден во бегалскиот камп Кан Јунис во Газа.

Неговите родители, како и оние на Ханије, избегаа од крајбрежниот град Ашкелон за време на Арапско-израелската војна во 1948 година, што резултираше со формирање на државата Израел или она што Палестинците го нарекуваат „накба“ (катастрофа).

Синвар му се придружи на Хамас набргу откако беше формиран во 1987 година и ја формираше својата организација за внатрешна безбедност, Ал-Мајд, чија главна цел беше да пронајде израелски шпиони во групата. Тој се здоби со репутација за насилство и го доби прекарот „Касапот од Кан Јунис“.

Синвар беше заробен од израелските сили и осуден на повеќекратни доживотни затворски казни за различни прекршоци, вклучително и убиство на двајца израелски војници и помина повеќе од две децении во затвор.

„Тој е момче кое беше закоравено во израелските затвори, како и многу долгогодишни палестински поранешни затвореници“, рече Хилтерман.

Тој рече дека Синвар научил хебрејски додека бил во затвор и, најважно, тоа му помогнало да научи како размислуваат израелските лидери.

„Синвар е навистина тежок. Тој е безмилосен. Тој во голема мера е лидер според калапот на кој било израелски лидер“, рече Хилтерман.

Видете и ова: Иран ги отфрли европските повици за воздржаност

Додека беше во затвор, Синвар организираше протести за да ги подобри работните услови и се појави како лидер меѓу затворените Палестинци.

Неговото искуство во затвор „многу добро го подготви за да го води Хамас“ и за планирањето на нападот на 7 октомври, рече Хилтерман.

Речиси 1.200 луѓе, главно цивили, беа убиени кога милитантите на Хамас извршија рација во заедниците во јужен Израел во октомври и зедоа заложници во Газа.

Нападот го поттикна Израел да започне голема офанзива во Појасот Газа, кој е под контрола на Хамас, во која палестински извори велат дека загинале повеќе од 40.000 луѓе.

Синвар беше ослободен од затвор во 2011 година како дел од размената во која беа ослободени повеќе од 1.000 палестински затвореници во замена за еден израелски војник кој го држеше Хамас.

Набргу по неговото ослободување, Синвар го придружуваше Ханија на патувањето во Техеран каде што се сретна со врховниот водач Али Хамнеи.

Истиот ден кога Синвар беше најавен како наследник на Ханије, Хамнеи на мрежата Х објави кратко видео од посетата на која се гледа средбата на Синвар со иранскиот лидер во февруари 2012 година.

Видете и ова: На средбата со Абас, Путин ја повтори поддршката на Москва за Палестинците

Порака на Хамас

Традиционално, шефот на политичкото биро на Хамас се наоѓа во странство за да може да патува и да одржува контакт со регионалните сојузници, како што се Иран и либанската терористичка група Хезбалах.

Но, Синвар, за кого американскиот државен секретар Антони Блинкен еднаш се пошегува дека е „закопан 10 ката под земја“ во Газа, не може да ја напушти енклавата поради војната.

Цореф рече дека со назначувањето на лидер со седиште во Газа, Хамас „испраќа многу силна порака“ и до Израел и до арапските држави дека „отпорот на Хамас не пропаднал“.

„Главната порака е дека никој не може да ги истисне од областа“, додаде тој.

Самиот Синвар можеби не сака да ја напушти Газа бидејќи неговиот легитимитет се заснова на тоа дека е во енклавата.

„Ако Синвар ја напушти Газа, Палестинците би рекле дека ги напушта, како капетан што го напушта бродот“, рече Хилтерман.

Синвар е на нишанот на Израел од почетокот на војната, при што портпаролот на армијата Даниел Хагари го опиша како „мртов човек“ по нападот на 7 октомври.

Убиството на Синвар останува приоритет за израелската армија.

Началникот генерал-полковник Херзи Халеви на 7 август вети дека неговите трупи ќе го таргетираат Синвар и ќе го принудат Хамас „повторно да го смени шефот на политичкото биро“.