Српскиот вицепремиер Александар Вулин му се заблагодарил на рускиот министер за енергетика Сергеј Цивиљев за испораките на гас кои, како што рече, ја обезбедуваат енергетската сигурност на Србија, соопшти Владата во Белград.
На средбата со Цивиљев во Москва на 15 август, Вулин го изрази своето задоволство од досегашната соработка со Русија во областа на енергетиката, вклучително и снабдувањето со руски природен гас за Србија.
На средбата се разговарало за соработката меѓу Белград и Москва во различни енергетски сектори, соопшти Владата.
Цивиљев, како што е наведено, рекол дека дијалогот овозможува „успешен развој на интеракцијата во главните сектори на енергетско-енергетскиот комплекс меѓу братските народи Србија и Русија“.
Видете и ова: Вулин на средба со Лавров во Москва, тема - подобрување на врските на Белград со МоскваШефот на Министерството за енергетика на Русија ја покани српската делегација да присуствува на „Неделата на руската енергетика“, која според соопштението ќе се одржи во Москва од 26 до 28 септември.
Србија е целосно зависна од рускиот гас, но ги направи првите чекори кон енергетската диверзификација.
Тоа би значело дека ќе може да набавува гас од повеќе извори, не само од Русија.
Иако руската инвазија врз Украина влезе во третата година, Белград сè уште не се откажува од врските со Русија.
Официјално, Србија го поддржува територијалниот интегритет на Украина, но одбива да се приклучи на европските санкции против Москва, меѓу другото, поради нејзината голема зависност од руските енергетски извори.
Видете и ова: Вулин во посета на Москва: Србија нема да воведе санкции кон РусијаЗаменик претседателот на Владата на Србија, Александар Вулин, кој е во неколкудневна посета на Русија, на средби со повеќе официјални лица најави продолжување на соработката меѓу двете земји на повеќе полиња.
На 12 август тој повтори дека Србија нема да воведува санкции кон Русија.
Ова е негова втора официјална посета на Русија откако на 2 мај беше избран за вицепремиер на Владата на Србија.
Поради неговите блиски врски со Кремљ, Вулин е на списокот на санкции на Соединетите Американски Држави.