Нема да има пролетен распуст, ова денеска 08 август го соопшти министерката за образование Весна Јаневска. Одлуката на претходниот министер за образование Јетон Шаќири се укинува од учебната 2024/2025 година.
„Финалните анкети на родителите покажаа дека тие не сакаат, но и на повозрасните ученици, исто така, така што оваа година, пролетен распуст нема да има, изјави Јаневска, одговарајќи на новинарски прашања по увидот во активностите за изградба на спортска сала во рамки на основното училиште „Наум Охридски“ во с. Булачани.
Таа посочи дека одлуката е донесена во интерес на децата и нивниот контнинуиран образовен процес и потребите на децата.
„ Ако тие сметаат дека ниту на децата, ниту на родителите, им одговара таков пролетен распуст, децата губеле континуитет, родителите нема каде да ги остават помалите дечиња, не им се поклопува со одредени празници за да можат заеднички да ги искористат, сметаат дека е повеќе компликација отколку поволност и во тој правец, ние одлучивме оваа година да се одвива учебната година од 2 септември до 10 јуни за сите, освен матурантите“, изјави таа.
Видете и ова: Новата учебна година со старите проблеми со учебниците
Претходната власт донесе одлука основците и средношколците да користат пролетен распуст од 29 април до 6 мај, при што учебната година за основците заврши на 17 јуни.
Јаневска одговарајќи на новинарски прашања за време истакна дека наставниците во март идната година ќе добијат околу 12 проценти покачување на платата.