Организаторите на три концерти на пејачката Тејлор Свифт во Виена оваа недела ги откажаа во средата, откако властите најавија апсења поради очигледен заговор за напад на нејзините концерти.
Свифт требаше да настапи на стадионот Ернст Хапел во австриската престолнина во четврток, петок и сабота како дел од нејзината турнеја „Eras Tour“.
Организаторот на настанот „Баракуда мјузик“ (Barracuda Music) во објава на својот канал на Инстаграм доцна во средата рече дека „немаме друг избор освен да ги откажеме трите закажани шоуа за сечија безбедност“. Тие ја цитираа „потврдата“ на владините претставници за планираниот напад на стадионот.
Претходно во средата, властите соопштија дека уапсиле двајца осомничени екстремисти, од кои едниот се чини дека планирал напад на настан во областа Виена, како што се претстојните концерти.
19-годишниот главен осомничен е уапсен во Терница, јужно од Виена, а второто лице во главниот град на Австрија.
Франц Руф, директорот за јавна безбедност во австриското Министерство за внатрешни работи, рече дека властите биле свесни за „подготвителни дејствија“ за можен напад.
Руф рече дека 19-годишникот се заколнал на верност на групата Исламска држава.
Откажувањето на концертите дојде неколку часа откако властите соопштија дека безбедносните мерки за концертите на Свифт ќе бидат засилени. Руф рече дека ќе има посебен фокус меѓу другото на влезните проверки.
Видете и ова: Тејлор Свифт во вртлог меѓу политиката и теориите на заговор пред изборите во САДШефот на виенската полиција Герхард Пурстл во исто време рече дека, иако секоја конкретна опасност е минимизирана, апстрактниот ризик го оправдува подигањето на безбедноста.
„Баракуда мјузик“ соопшти дека „сите билети автоматски ќе бидат вратени во следните 10 работни дена“. Истата формулација беше објавена под датумите во Виена на официјалната веб-страница на Свифт.
Стадионот во Виена беше распродаден за планираните концерти, а се очекуваат околу 170.000 фанови за концертите во Австрија.
Во 2017 година, во напад на концерт на пејачката Аријана Гранде во Манчестер, Англија, загинаа 22 лица. Бомбашот самоубиец Салман Абеди постави бомба со ранец во Манчестер арената на крајот од концертот на Гранде додека илјадници млади обожаватели си заминуваа. Повеќе од 100 луѓе се повредени. Абеди загина во експлозијата.