Активни 14 пожари, неколку од нив биле подметнати

илустрација

Дваесет и седум пожари (од вкупно 46 кои биле регистрирани вчера) целосно се изгаснати, пет тешки пожари се ставени под контрола, а во моментот активни се 14 пожари во земјава, информираат од Дирекцијата за управување со кризи (ЦУК). Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов преку видео изјава соопшти дека неколку пожари во земјава се намерно подметнати.

Потенцира дека пожарникарите работеле во текот на целата ноќ со поддршка на јавните комунални претпријатија, механизација, локалното население и дел од пожарите ги ставиле под контрола.

Во овој момент активен е пожарот на територија на општина Македонски Брод кај селата Тажево и Брезница, кракот кон НП „Јасен“. Активен е пожарот и на територија на Кочани во селото Главовица, кој изби вчера околу пладне. Активен е и пожарот кај Прилеп во селото Радобил, а на територија на Прилеп има уште еден пожар кај селото Дабница кој изби во текот на вчерашните попладневни часови.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Пожари во Северна Македонија

Изутрината избил уште еден нов пожар на депонија во Дојран кој потоа се проширил и зафатил три куќи. Како што информира Ангелов, се врши евакуација на локалното население и засега нема повредени лица.

На територија на Свети Николе активен е пожарот кај селото Орел и Немањици, каде дејствуваат три „ер трактори“ на ДЗС. Активен е и пожарот над селото Ерџелија и селото Мустафино. Исто така, и на овој пожар ќе дејствуваат три „ер трактори“.

Видете и ова: Пожарите во светиниколско изгореле околу 40 куќи, поголем дел се напуштени

На територија на Свети Николе има уште еден пожар кај селото Макреш и селото Ранченци кој избувнал утрово.

Во кумановско, активен е пожарот кај селото К’шање ‎и селото Кокошиње кон Мургаш, кој изби вчера околу пладне.

На територија на Старо Нагоричане активен е пожарот кај селото Малотино и Жегљане‎, кој изби вчера пред пладне. На територија на Пробиштип активен е пожарот кај селото Зелени град и селото Јамиште, кој се заканува да зафати квалитетна борова шума. На територија на општина Чашка гори кај селото Оморани во месноста наречена Мукос, пожар кој се провлекува неколку дена, односно кој беше реактивиран вчера околу 16 часот.

Видете и ова: Прва жртва на пожарите, горат куќи во дванаесет села, се евакуира население

Под контрола се ставени пет пожари.

Ангелов апелира до сите граѓани кои поседуваат викендички или куќи во полунапуштени или напуштени села, да изработат таканаречен мек појас околу сопствените викендици, а до земјоделците и сточарите да прекинат со палење на стрништа и пасиштата.