Мора да имаме чест и да признаеме дека згрешивме со измената на Кривичниот законик. Апелирам Владата да го стави на јавна расправа новиот предлог-закон кој почна да го подготвува работна група уште во 2017 во времето кога министерка за правда беше Рената Дескоска.
Вакво јавно признание и апел до власта упати новиот лидер на СДСМ, Венко Филипче, на првата прес-конференција што ја организираше во партиското седиште денеска (25 јули) откако на 30 јуни беше избран за нов претседател на партијата по најтешкиот изборен пораз на парламентарните избори на 8 мај.
Видете и ова: СДСМ на чело со Филипче – или ребрендирање или тонењеНовиот Кривичен законик, кој Филипче апелира Владата на ВМРО-ДПМНЕ да го стави на јавна расправа, го подготвуваше експертска работна група предводена од универзитетскиот професор Владо Камбовски. Тој предлог, вели Филипче, е направен во целосна координација со меѓународните институции и како модел за него се користел германскиот Кривичен законик.
„Да видиме кој ќе биде одговорот затоа што Владата е таа што треба да го стави законот на јавна расправа. Согласно тоа, ние ќе ги направиме следните чекори“, рече Филипче.
Контроверзните измени на Кривичниот закон во септември лани кога власта беше во рацете на СДСМ и ДУИ, ги намалија казните за кривичните дела како што се злоупотребата на службената положба и овластувања и злосторничко здружување. Тоа доведе до застарување и ослободување на повеќе поранешни функционери кои беа обвинети во постапки од Јавното обвинителство. Низа критики упати и Mеѓународната заедница, а последната беше во извештајот за владеење на правото што вчера го објави Европската комисија (ЕК).
Видете и ова: Измените на актуелниот фрлија прашина и на новиот Кривичен законикПроцесот на евроинтеграции е вратен 10 години назад
Дел од своето прво обраќање пред медиумите, лидерот на СДСМ посвети и на евроинтеграциите на земјата.
„Процесот е вратен 10 години назад, со ниеден потег Владата не покажа дека планира сериозно да се занимава со евроинтеграциите. Отворивме еден проблем кој целосно беше затворен – проблемот со Грција. ВМРО-ДПМНЕ сега вели ќе се решавало судски, а ние 20 години бевме по судови“, рече Филипче.
Обвини дека власта го сквернави и уставното, но и само името Македонија со тоа што избегнува да го употребува.
„Очигледно е дека лажен патриотизам има само дома и исправена кичма. За средбата со бугарскиот премиер дознавме од бугарските медиуми“, рече Филипче.
Тој потсети дека владејачката партија ветувала подобра преговарачка рамка и вели тие како СДСМ го чекаат тоа за да го поддржат. Но, нема да поддржиме блокади на процесот, рече Филипче.
Сојузништвото на Мицкоски со Орбан отвора прашалници кај СДСМ
Во контекст на меѓународната политика тој ја критикуваше блискоста на новата власт со унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„На Самитот на НАТО не видовме средба со ниту еден релевантен фактор, со никој не се сретна нашата делегација. Гледаме само некакво сојузништво со Орбан за кое не гледаме никаква перспектива“, рече Филипче.
Видете и ова: Владата подготвува закон, Унгарците „во прашалници“ за милијардата од Орбан за МицкоскиФиличе изрази загриженост и за кредитот од 500 милиони евра што Мицкоски го договори со владата на Орбан, како и за најавите за уште пола милијарда заем следната година.
„Прво е нелогично зошто една земја (Унгарија) која нема пари и се задолжува со поголема стапка, нас ни дава заем со помала стапка. Дали нешто се крие за тоа? Инсистираме Владата што побргу да го даде законот во Собрание и да се каже потеклото на парите. Дали има некоја тенденција, дали има можеби тенденција компании од Унгарија да преземаат тука медиуми? Зошто првпат во историјата посегнуваме од друга држава билатерално да земаме пари?“, праша лидерот на СДСМ.
Заемот од Унгарија, Мицкоски го договори со Орбан за време на учеството на Самитот на НАТО во Вашингтон.
Филипче го критикуваше и ребалансот на Буџетот велејќи дека СДСМ смета оти државата се води кон состојба со екстремен јавен долг. Според Филипче, лага е дела немало пари во Буџетот и упати критики зошто не се предвидува зголемување на платите кога претходната влада и во време на кризи обезбедила континуиран раст на примањата на граѓаните.
Видете и ова: Мицкоски смета дека Унгарија со заемот се покажала како „вистински пријател“„Куќите се на таткото на мојата сопруга, не сум ни бил таму“
Откако стана лидер на опозицијата, Филипче е речиси секојдневна мета на критики на ВМРО-ДПМНЕ за неговиот личен имот. Владејачката партија на повеќе пати јавно го прозиваше да каже од каде му се парите за имот, меѓу кои и ауди Q8 и хациенда на Водно.
Тој, пак, вели дека не го поседува тоа и не може да објаснува потекло на пари за нешто што го нема.
„Тие куќи не се мои. Тие се на таткото на мојата сопруга. Јас таму не сум бил, не знам каде се наоѓаат точно“, рече Филипче додавајќи дека за дел од обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ претходниот состав на Државната комисија за спречување корупција отворал предмет и ги затворил бидејќи ништо не се докажало.
Наесен ново раководство на СДСМ
Кога е во прашање функционирање на партијата, како нов лидер тој не го дели впечатокот дека има поделеност и смета дека кризата по изборниот пораз е минато.
„СДСМ се враќа. Се наметнуваме како силен критичар на политиките и мислам дека членовите тоа го препознаваат“, вели Филипче.
Филипче вели дека секојдневно разговара со членството и раководство по општинските организации, вклучително и со незадоволните и најави формирање на работни групи од кои ќе почне и формалниот процес на општински конференции со цел да се изберат нови делегати. Мандатот на актуелните им завршува во септември.
Видете и ова: Четворица кандидати кои ќе го враќаат „отуѓениот“ СДСМ кон членствотоСпоред неговите планови, крајот на септември или почетокот на октомври, би се одржал партиски конгрес и би се формирал новиот Централен одбор на партијата од кој понатаму ќе произлезе и потесното партиско раководство – Извршниот одбор, потпретседателите, генералниот секретар…
Филипче беше еден од четирите кандидати што решија да влезат во трка по оставката на поранешниот лидер и премиер Димитар Ковачевски.
Противкандидати му беа ексдиректорот на Дирекцијата за Технолошко-индустриски развојни зони, бившиот заменик-министер за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски и поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска, која непосредно пред гласањето се повлече обвинувајќи за нефер натпревар.