Турција уапси Русин осомничен за експлозијата во Москва

Али Јерликаја, министер за внатрешни работи на Турција (фотоархива)

Турската полиција уапсила Русин осомничен за нападот со автомобил-бомба во Москва кој се случи претходно во текот на денешниот ден (24 јули), соопшти министерот за внатрешни работи на Турција, Али Јерликаја.

Во експлозијата беа ранети две лица од кои едното наводно е висок воен разузнавач.

Уапсениот маж, кого Јерликаја го идентификуваше како Евгениј Серебрјаков, е руски државјанин. Тој е осомничен дека извршил терористички чин со употреба на експлозивна направа на автомобил во Москва во кој беа ранети две лица, објави турскиот министер на платформата Икс.

Серебрјаков пристигнал во Турција со лет од Москва, а бил приведен од полицијата во турската провинција Мугла, додаде Јерликаја.

Објавата на министерот содржи и видео на кое се гледа како полицијата вади маж од бело возило и му става лисици.

Видете и ова: Руски разузнавач наводно е ранет во експлозија во Москва

Рускиот истражен комитет претходно соопшти дека во експлозијата се ранети сопственикот на возилото во кое експлодираше бомбата, „Тојота ленд крузер“, и еден сопатник.

Портпаролката на Министерството за внатрешни работи Ирина Волк, изјави дека експлозијата била предизвикана од „неидентификувана направа“ поставена во возилото.

„Прелиминарната истрага откри дека неидентификуван предмет поставен во возилото ја активирал експлозијата на паркингот“, рече Волк.

Како што додаде таа, во експлозијата се повредени две лица кои со возило на Брза помош се пренесени во болница.

Властите сè уште официјално не ги идентификувале повредените во експлозијата, велејќи дека е отворена кривична и форензичка истрага за инцидентот.

Весникот Комерсант наведува дека еден од ранетите служел во Главната управа на Генералштабот на вооружените сили на Руската Федерација, позната како ГРУ.

Каналот Астра на Телеграм првично објави дека двете жртви се Андреј Торгашов (49), заменик-началникот на единицата 33790 – сателитски радио комуникациски центар на руската војска, и неговата сопруга, како и дека и двајцата се хоспитализирани.

Видете и ова: Што следува по Путин – мислења на експерти

Друг канал на Телеграм – 360, пак, подоцна ја цитираше сопругата на Торгашов, Маја, која вели дека ниту таа ниту нејзиниот сопруг не биле во автомобилот кога се случила експлозијата тврдејќи дека во возилото имало и други лица.

На каналот БАЗА на Телеграм, кој е поврзан со руските безбедносни служби, беше објавено дека една од двете жртви „најверојатно“ е офицер на руското воено разузнавање.

Во извештајот на весникот „Московски Комсомолец“ се вели дека истрагата покажала „можна вмешаност на украинските специјални служби и нивните агенти“.

Неколку руски воени функционери и јавни личности наклонети на Кремљ беа цел на бомбашки напади откако Москва ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година.