Вучиќ за уапсените за шпионажа: Северна Македонија е проточен бојлер кон други служби

Србија - Српскиот претседател Александар Вучиќ во „Крушик“ во Ваљево, 9 март 2020 година

Во Вишото јавно обвинителство во Ваљево денеска ќе бидат сослушани тројца поранешни и сегашни инженери од холдингот „Крушик“, осомничени дека на АТС груп од Северна Македонија на бизнисменот Шевкет Демировски и доставиле доверливи информации и документација.

Денес за оваа шпионска афера се огласи и српскиот претседател Александар Вучиќ со оценка дека Северна Македонија е само проточен бојлер кон други служби во регинот, јави дописникот на МИА од Белград.

„Ова трае долго време, тоа го прават од сите страни. Ова го следиме долго време. Точно знаеме за кого станува збор, преку кого тоа одело и кој бил и кој требало да биде крајниот корисник. Северна Македонија е проточен бојлер, точно е еден од тие лица, но е проточен бојлер на некои други служби во регионот, изјави Вучиќ.

Во вчерашната акција на Безбедносно информативната агенција (БИА), Воено-бебедоносната агенција (ВБА), МВР и Вишото јавно обвинителство во Ваљево, уапсени се тројца инженери од српската фабрика за производство на оружје и муниција „Крушик“ поради постоење основи за сомнение дека сториле кривично дело шпионажа затоа што во текот на 2024 година континуирано контактирале со државјани на Северна Македонија, вработени во компанијата „АТС груп“.

„Осомничените М.О. (1987), Д. Л. (1960) и Д. М. (1961), се поранешни и сегашни инженери во холдинг компанијата „Крушик“ од Ваљево, кои од оваа фирма неовластено изнесувале доверлива деловно-техничка документација и ја предавале на странска организација, на штета на безбедносните, одбранбените, воените и други интереси, како и слабеење на моќта на Република Србија, се прецизира во соопштението на МВР.

Видете и ова: Магловит пат на оружјето од Србија до Украина

Експертите од одбранбената индустрија во Србија се сомневаат дека Демировски е, всушност, параван за многу посериозни играчи.

Македонски бизнисмен Шевкет Демировски беше уапсен на 11 ноември 2019 година во акција на БИА, ВБА и Вишото јавно обвинителство во Белград, заедно со пензиониран инженер во „Први Партизан“ од Ужице и уште двајца инженери во таа фирма, поради сомневања дека како сопственик на „АТС Груп“ од Скопје, преку пензиониран инженер во „Први Партизан“ дошол во сопственост на деловно-техничка документација и податоци поврзани со технологијата на изработка на одредени машини, односно до технологијата на изработка на оружје и муниција која ја развива „Први партизан“.

Меѓутоа, по само еден месец, Ш. Д. беше пуштен со кауција од 200.000 евра за да се брани од слобода. Обвинителот во овој случај ја отфрли кривичната пријава против него, откако на 21.01.2021 година на име опортунитет платил 29.393.925 динари, пишува МИА.

Македонскиот бизнисмен на тој начин беше ослободен од сомнение за кривичното дело поткуп при вршење на стопанска дејност.