Герапетритис: Власта во Северна Македонија систематски го прекршува Договорот од Преспа

,Архивска фотографија, грчкиот министер за надворешни работи на Јоргос Герапетритис

„Државниот врв на Северна Македонија систематски го прекршува Договорот од Преспа“, изјави грчкиот министер за надворешни работи на Јоргос Герапетритис во денешното издание на весникот „То Вима“ по повод завршувањето на НАТО Самитот, кој истакнал дека на состанокот на Алијансата била спомената и потребата да се почитува Договорот.

Герапетритис изјави дека на состанокот Грција го истакнала прашањето за посветеноста на сите членки на НАТО на меѓународното право и меѓународните договори.

„Посебно осврнување имаше на должното верно почитување на Договорот од Преспа, чиешто јадро систематски го прекршува новото политичко и државно раководство на Северна Македонија, вели Герапетритис во изјава за весникот, јавува новинската агенција МИА.

Видете и ова: Релациите со соседите само на маргините на самитот на НАТО

Претходно, македонскиот премиер Христијан Мицкоски во синоќешното интервју за МРТВ, по самитот во Вашингтон изјави дека Владата што тој ја предводи сака да гради добрососедски односи, но да се темелат на двонасочна улица.

„Повеќе за нивна жал, а за добро на македонските граѓани, во македонската влада нема да гледаат политичари кои се подготвени да ја виткаат кичмата, да го ограбуваат својот народ и од друга страна да се трудат од петни жили да им удоволат, без било каква аргументација, на соговорниците, во случајов нашите соседи. Ние сме подготвени со секого да градиме добрососедски односи. Тука немаме фрустрации, ниту има било каква пречка и бариера, но, повторно, тоа мора да биде двонасочна улица,“ рече Мицкоски.

Учеството на самитот на НАТО во Вашингтон за Христијан Мицкоски беше прво претставување како премиер на меѓународна сцена. Односите со соседите не беа тема на самитот, но премиерите на Северна Македонија, Бугарија и Грција јавно си разменија пораки.

По шест години од потпишувањето на Преспанскиот договор, уставното име на Северна Македонија се врати во фокусот на надворешната политика на земјава откако ВМРО-ДПМНЕ убедливо победи на парламентарните и претседателските избори на 8 мај.

По потпишувањето на Преспанскиот договор на 17 јуни 2018, помеѓу Атина и Скопје, државата го смени уставното име во Северна Македонија и стана членка на НАТО.