Пожарот на планината Серта се разграни на три, еден од нив се движи кон Криволак

Илустрација пожар

Во моментов се активни 7 пожари на отворено, соопшти на 14 јули Центарот за управување со кризи (ЦУК). Во текот на вчерашното деноноќие беа активни 21 пожар од кои 14 се изгасени. Од ЦУК информираат дека врз седумте активни пожари од рано изутрина се дејствува и со воздухопловна поддршка.

Владата доцна синоќа на седница донесе одлука за постоење на кризна состојба во времетраење од 30 дена. Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов утрово изјави дека по владината одлука во гасењето на пожарот на планината Серта се вклучени 100 војници и 30 полицајци, како и полициски хеликопотер и два армиски хеликоптери.

Тој додаде дека на падините на планината Серта утрово има три активни пожари кои започнаа од еден ист пожар, но сега се одвоени. Првиот е во општината Неготино во атарот на с.Калањево, додека вториот е во Општина Конче, во близина на селата Горни и Долни Липовиќ. Третиот пожар е во општината Штип меѓу селата Драгоево и Селце.

За само еден ден опожарени се над 100 хектари ниско стеблеста и дамова шума како и дел од боровата шума на планината Серта меѓу штипските села Селце и Драгоево. Ова за новинската агенција Миа го изјави командирот на Територијалната противпожарна единица од Штип, Благој Ренџов.

Инфографика - Пожари и штети (2019-2023)


Тој посочува дека пожарот оди во правец на воениот полигон Криволак.

„Утринава околу пет часот рано наутро излегоа на терен две екипи на пожарникари, имавме помош од месното население од селата Драгоево и Селце и од Ловното друштво. Имавме помош и од воздух - еден хеликоптер на МВР, но поради високите температури, хеликоптерот беше повлечен околу 13 часот. Теренот е непристапен, само може да се гаси од воздух“, изјави Ренџов за МИА.

Тој додаде дека поголем дел од пожароте е локализиран, но пожарот се шири кон Криволак.

„Двете села Селце и Драгоево се безбедни и нема опасност за нив“, изјави Ренџов.

Видете и ова: Над 55 милиони евра вредна шума изгоре за пет години

Секое лето има пожари на овој потег, а пожарникарите и сите институции се ангажираат на терен на овој непристапен планински терен.

Инфографика - Пожари на отворено за првата половина од 2024 година

Во јули 2024 до сега, заклучно со 12.07.2024 година, имало вкупно 173 пожари на отворен простор од пошироки размери.

Само од почетокот на годинава до средина на јуни се запалиле над 1175 пожари на отворено во земјава. Во нив спаѓаат и оние на дивите депонии и ѓубришта, потоа ниви, ливади, стрништа и дел шуми.