Унгарскиот премиер Виктор Орбан се сретна со поранешниот американски претседател Доналд Трамп на 11 јули и двајцата разговараа за „можностите за мир“, изјави портпаролот на унгарскиот премиер.
Трамп и Орбан се сретнаа во домот на Трамп во Мар-а-Лаго во Флорида „како следна станица на неговата мировна мисија“, рече портпаролот на Орбан.
„Се разговараше за можностите за мир“, додаде тој.
Националистичкиот водач Орбан, кој е долгогодишен поддржувач на Трамп, изминатиот период беше во ненајавени посети на Киев, Москва и Пекинг во самопрогласената „мировна мисија“, што пак ги налути сојузниците во НАТО.
Неговата средба во Москва со рускиот претседател Владимир Путин особено вознемири некои други членки на НАТО, кои рекоа дека ова патување му дава на Путин легитимитет, додека Западот се обидува да го изолира поради неговата војна во Украина.
Орбан отпатува за Киев пред да ја посети Москва, но не му кажал на украинскиот претседател Володимир Зеленски за неговата мисија во Русија, рече Зеленски, отфрлајќи ја амбицијата на Орбан да ја игра улогата на миротворец.
„Не можат сите лидери да водат преговори. За ова треба да имате одредена моќ“, рече Зеленски претходно на прес-конференција на самитот на НАТО.
Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, на прашањето за иницијативата на Орбан, рече дека Украина со право би била загрижена за секој обид да се преговара за мировен договор без учество на Киев.
„Каков и да е авантуризам што е преземен без согласност или поддршка на Украина, не е нешто што е во согласност со нашата политика, надворешната политика на Соединетите Држави“, рече Саливан.
Видете и ова: Европските лидери го криткуваа Орбан дека се ракува со „крвав диктатор“Самопрогласената мировна мисија на Орбан, исто така, вознемири многу членки на Европската Унија, чие ротирачко претседавање Унгарија го презеде претходно овој месец.
Унгарската амбасада во Вашингтон одби да го коментира планираниот состанок со Трамп, за кој прв објави Блумберг.
Орбан присуствуваше на самитот на НАТО чиј домаќин беше претседателот Џо Бајден. Унгарската делегација изрази противење на клучните позиции на НАТО, но не ја блокираше Алијансата да преземе акција.
Министерот за надворешни работи Петер Сијарто за Ројтерс изјави дека Унгарија верува дека второто претседателство на Трамп ќе ги зголеми надежите за мир во Украина.
„Орбан се надеваше дека ќе стави крај на војната преку мировни преговори во кои ќе бидат вклучени и Русија и Украина“, вели Сијарто.
Видете и ова: Орбан не може да биде посредник, смета ЗеленскиТрамп рече дека брзо ќе ја заврши војната. Тој не понуди детален план како да се постигне тоа, но Ројтерс минатиот месец објави дека советниците на поранешниот претседател му презентирале план за завршување на војната делумно со условување на идната помош за Киев и со вклучување на Украина во мировните преговори.
Во последниве месеци, странските претставници редовно бараа средби со Трамп и неговите клучни советници за да разговараат за неговата надворешна политика, доколку тој го победи Бајден на изборите на 5 ноември. Анкетите покажуваат дека Трамп ја зголемува предноста пред Бајден.