Стејт департмент: Ќе работиме со Северна Македонија и Грција да го одржaт Преспанскиот договор

илустрација

Соединетите Држави велат дека ќе работат со Северна Македонија и Грција да ги одржат придобивките од Договорот од Преспа, откако премиерот Христијан Мицкоски во јавните изјави за време на Самитот на НАТО во Вашингтон не го користеше уставното име на државата.

Кога стана премиер, Мицкоски кажа дека дома ќе ја вика државата Македонија, а надвор, во официјален контекст – Северна Македонија.

На прашањето на Гласот на Америка на македонски, дали САД ќе разговараат со новата Влада оти премиерот не го користише официјалното име на државата ниту во Вашингтон, Стејт департментот одговори:

„Договорот од Преспа беше историско достигнување во отклучувањето на безбедносните придобивки во јужна и источна Европа. САД го поддржуваат овој витален договор, ја повторуваат важноста од почитување на истиот и ќе работат со сите страни за да ги одржат неговите придобивки“.

Видете и ова: Релациите со соседите само на маргините на самитот на НАТО

Мицкоски изминативе три дена во Вашингтон, во јавните изјави и објави на социјалната мрежа Икс, ја нарекуваше државата Македонија. Тој јавно официјалното име на државата го кажа наколку пати на дебата во Школата на меѓународни односи на Универзитетот Џонс Хопкинс во Вашингтон.

Сепак, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, за време на прес-конференција за грчки медиуми на Самитот на НАТО во Вашингтон, кажа дека премиерот Мицкоски на официјалните состаноци на сите лидери на НАТО го користел уставното име на државата.

Самитот на НАТО во Вашингтон заврши, но нема официјална информација дали Мицотакис и Мицкоски се сретнале за време на неговото одржување.