Северна Македонија ќе се задолжи кај Унгарија со 500 милиони евра кредит, со камата од 3,25 проценти, три години грејс период, и 12 години рок на отплата, што е вкупно 15 години.
Ова денеска го договориле премиерите на двете држави Виктор Орбан и Христијан Мицкоски на средба во Вашингтон каде се одржува НАТО самитот. Според соопштението кое Владата го испрати до медиумите веднаш треба да започне процесот за позајмица
за што министерствата за финансии на двете Влади се задолжени.
„Сакам да ја информирам македонската јавност дека овие 500 милиони евра ќе бидат употребени на следниот начин: 250 милиони евра директно поддршка за македонската економија под истите услови, 3.25 проценти камата, три години грејс период, 12 години рок на отплата или вкупно 15 години. Македонската економија ќе добие услови кои што до сега не можела да ги добие на економскиот и финансискиот пазар, а 250 милиони евра ќе бидат наменети за капитални проекти кои што ќе бидат изведени во општините и ќе бидат исклучиво наменети за потребите на граѓаните“, се вели во соопштението.
Видете и ова: Мицкоски ветува економски развој, за СДСМ владината програма е манипулативнаВо претходните изјави премиерот Мицкоски најави дека ќе се земе кредит од 1 милијарда евра, не одговарајќи од која земја ќе биде. Сега сумата е преполовена, а во соопштението не пишува поконкретно дали ова е прв дел од кредитот. Се најавува само дека двете земји ќе имаат понатамошна економска соработка.
„Двете влади се договорија во иднина да воспостават специјална економска соработка, нешто што ќе значи сигурност и нешто што ќе значи финансиска стабилност за нашата македонска економија. Имајќи предвид дека воспоставуваме специјална економска соработка, тоа ќе подразбира дека во иднина кога ќе има потреба од такво нешто, ќе можеме повторно да се обратиме до нашиот специјален економски партнер, а тоа е Унгарската Влада и да побараме поддршка дополнителна што ќе биде потребна за македонската економија“, пишува во известувањето.
Инаку Мицкоски со Орбан разговарал на повеќе теми, но како најважна за граѓаните го истакнува токму земањето на кредитот од Унгарија.
Денеска завршува НАТО Самитот кога се одбележува и 75 години од формирањето на НАТО Алијансата. Македонската делегација најави дека утре и задутре ќе има средби со македонските иселеници во Њујорк.