Николоски: Нашата битка за „Бехтел и Енка“ ќе биде да добиеме повеќе километри, за истите пари

илустрација

За да биде објавен договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10-д, кој е класифициран како државна тајна, потребна е согласност од двете страни. Наша главна цел ќе биде да добиеме што повеќе километри од тој договор, рече вицепремиерот за економски прашања и министер за транспорт Александар Николоски.

„За жал, како е поставен договорот, мора двете страни да дадат согласност за оваа работа и се надевам дека ќе дадат согласност да го декласифицираме и јавноста да го види“, рече Николоски и додаде дека според него поважно е, земјата да добие повеќе киломери автопат од тој договор.

„Тоа ќе биде нашата главна битка во годините што следуваат е да добиеме повеќе километри автопат во рамки на истата финансиска сума која што е договорена, а исто така јавноста треба да знае дека претходната влада на СДСМ и ДУИ веќе има исплатено 240 милиони евра на изведувачот за буквално ништо, односно за т.н. подготвителни работи што не ги гледаме и мислам дека ќе биде недомаќински однос кон македонскиот буџет, ако сакате и душмански, јас сега да го прекинам договорот, а тие средства се веќе кај изведувачот и не може да се вратат. Изведувачот може да тужи и да побара арбитража и веројатно да платиме уште толку и да отидат половина милијарда евра на македонските граѓани, а да немаме ни километар автопат. Тоа што мислам дека е правилен пристап е да се бориме со нив, да добиеме што повеќе километри автопат, што побрзо изградиме во Македонија“, изјави Николоски.

Видете и ова: Автопатите на Бехтел и Енка по една година - нема ни педа асфалт

Прашан дали нашле криминал во овој проект за што ја обвинуваа тогашната влада, Николоски рече дека Државниот завод за ревизија има извештај во однос на оваа работа којшто е направен пред тој да стане министер и оти сега Обвинителството треба да го разгледа.


Американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ согласно потпишаниот договор со претходната Влада, за 57 месеци, или во 2027 година, треба да ја заврши изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д во вкупна должина од 110 километри.

Видете и ова: Што се случува на терен додека Бехтел и Енка добиваат пари за автопатите

Договорот беше потпишан на 8 март лани, а изградбата на автопатските делници ќе чини околу 1,3 милијарди евра. За таа цел беа сменети и неколку закони, меѓу кои и тој за експропријација, па сега постапката е забрзана. „Бехтел и Енка“ нема да мора да чекаат правосилност на одлуката за експропријација, туку може да располагаат со имотот штом одлуката за експропријација стане конечна. За експропријација на приватниот имот државата планира да потроши 300 милиони евра.