Се надевам дека ќе го задржиме достоинството и дека ќе разговараме како партнери и како добри соседи, доколку дојде до таков разговор. Ако не дојде се надевам дека набргу ќе дојде, изјави Христијан Мицкоски, премиер на Северна Македонија, во одговор на новинарско прашање за евентуална средба со грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис на претстојниот Самит на НАТО во Вашингтон.
Мицотакис претходно изјави дека очекува од новиот премиер да го користи уставното име на државата и за внатрешна и за надворешна употреба и дека конкретното прашање ќе го покрене и на претстојниот Самит.
Мицкоски изјави дека ставот на Владата е градење добри односи со сите соседи, но оти тоа е двонасочна улица.
„Нашиот став како Влада е дека сакаме да имаме добри односи со соседите, дека сакаме да градиме мостови за соработка, дека тоа за нас е двонасочна улица. Досега претпоставувам биле навикнати на еднонасочна улица, но сега сме ние политичари и Влада која што сака да водиме добрососедска двонасочна улица и така ќе продолжиме да се однесуваме“, рече Мицкоски.
Видете и ова: Скопје и Атина пак „се фатија“ за иметоПо шест години од потпишувањето на Преспанскиот договор, уставното име на Северна Македонија се врати во фокусот на надворешната политика на земјава откако ВМРО-ДПМНЕ убедливо победи на парламентарните и претседателските избори на 8 мај.
Новата претседателка на Северна Македонија, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска Давкова при давањето заклетва на 12 мај не го употреби уставното име. Мицкоски уште пред да стане премиер најави дека во официјална комуникација ќе го користи уставното име на државата, но во неговите настапи дома и давањето изјави ќе го користи само името без придавката.
Владите на Зоран Заев (СДСМ) и на Алексис Ципрас (Сириза) го потпишаа Договорот од Преспа во јуни 2018 година.