Францускиот премиер Габриел Атал изјави дека верува оти напорите на повеќе партии да се спречи десничарската партија Национален собир на Марин Ле Пен да добие апсолутно мнозинство во вториот круг од парламентарните избори следната недела, може да успеат.
Атал го порача ова откако повеќе од 200 кандидати од целиот политички спектар се согласија да се повлечат од вториот круг на парламентарните избори за да го отворat патот на оној кој е најдобро позициониран, да го победи екстремно десничарскиот кандидат во нивната изборна единица.
„Овие повлекувања покажуваат дека можеме да избегнеме апсолутно мнозинство за екстремната десница“, изјави Атал за радиото Франс Интер.
За да победи, екстремно десничарската Национален собир треба да освои апсолутно мнозинство од 289 пратеници, од вкупно 577 места.
Видете и ова: Дали победата на екстремната десница во Франција е пресвртница за Европа?Француското Министерство за внатрешни работи подоцна треба да го објави списокот со кандидати за вториот круг гласање, но локалните медиуми проценуваат дека околу 218 кандидати се повлекле.
Французите избираат меѓу повеќе од 4000 кандидати за 577 места во Националното собрание.
По еден пратеник се избира во сите 577 изборни единици со мнозинство гласови во два круга. Тој може да биде избран веќе во првиот круг доколку истовремено добие 50 отсто од гласовите на оние кои излегле на гласање и најмалку 25 отсто од бројот на запишани избирачи. Во спротивно, за победникот се одлучува во вториот круг на гласање, закажан за 7 јули, во кој влегуваат двајцата кандидати со најголем број гласови во првиот круг и следните кои добиле најмалку 12,5 отсто од запишаните гласови.