Самит во Брисел - европските лидери ги бираат првите функционери на ЕУ

илустрација

Изборот на носителите на водечките раководни позиции во ЕУ, Стратешката агенда 2024-2029 година, состојбите во Украина и на Блискиот Исток, безбедноста и одбраната, конкурентноста, миграцијата, хибридните напади и прашања од надворешната политика, ќе бидат главни теми на дводневниот Самит на Унијата што почнува денеска (27 јуни) во Брисел.

Во поканата упатена до шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ за учество на Самитот, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел посочува дека тоа ќе биде особено значаен состанок, бидејќи има суштинска агенда и со критични одлуки кои ќе го обликуваат патот на Унијата во следниот период.

„Меѓу овие одлуки, особено се издвојуваат три. Прво, ќе ја донесеме Стратешката агенда. Почитувајќи ја својата улога согласно договорите, Европскиот совет ќе ги обликува приоритетите на ЕУ и ќе ги постави стратешките ориентации на Унијата за следните пет години, кои ќе ја насочуваат работата во текот следниот институционален циклус. Второ, ќе го одредиме патот за внатрешните реформи и трето, ќе се договориме за институционалните назначувања“, се вели во поканата.

Најважна точка на ова заседание на лидерите на ЕУ ќе биде носењето одлуки за избор на претседател на Европскиот совет, номинирање на претседателот на Европската комисија и именување на висок претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност.

Видете и ова: „Треска“ за функции во Брисел

Изборот на носителите на овие функции се врши согласно процедури пропишани во Договорот на Европската унија (ТЕУ), при што мора да се води сметка дека избраните лидери мора да ја одразува различноста на ЕУ во однос на географското потекло, големината на земјата, полот и политичката припадност.

Согласно одредбите од Договорот на ЕУ, претседателот на Европскиот совет се избира со квалификувано мнозинство од страна на шефовите на држави или влади на земјите членки на Унијата со мандат од 2,5 години, со право на реизбор.

Врз основа на резултатите од Евроизборите, Европскиот совет го предлага кандидатот за функцијата претседател на Европската комисија, кој го избира Европскиот парламент со мнозинство гласови од вкупниот број европратеници. Доколку предложениот кандидат не го добие потребното мнозинство гласови во ЕП, Европскиот совет во рок од еден месец мора да предложи нов кандидат. По ова истата процедура продолжува во Европарламентот со додека предложениот кандидат не биде избран со потребното мнозинство.