Бугарското Министерство за надворешни работи денеска со соопштение реагира на изјавата на македонскиот премиер Христјан Мицкоски дека доколку има политичка волја можно е решение со Бугарија и промена на преговарачката рамка со ЕУ.
„МНР упорно потсетува дека европскиот консензус постигнат во летото 2022 година меѓу 27-те земји-членки на ЕУ и самата Северна Македонија јасно го опишува чекорите за постигнување вистински напредок во евроинтегративниот процес на соседната земја. Исто така, принципот на едногласност во процесот на проширување на ЕУ е вграден во Договорот за Европската унија и во преговарачките рамки на сите претходни и сегашни проширувања. Покренувањето идеи за повторно преговарање за веќе преземените меѓународни обврски само ќе доведе до дополнително оддалечување од почетокот на преговорите за членство во ЕУ“, се наведува во соопштението.
Од бугарското МНР велат дека како резултат на непотребните провокации и конфронтации со соседните земји, „Северна Македонија веќе изгуби премногу време во процесот на отворање на пристапните преговори“,
За властите во Софија, како што се посочува, „неприфатлива е искажаната намера на новата влада на Северна Македонија да го отфрли легитимното барање на дел од сопствените граѓани да ги гарантира правата и слободите на рамноправна основа со сите други заедници во Северна Македонија, вклучителни преку нивно вметнување во Уставот“.
Видете и ова: Скопје и Атина пак „се фатија“ за името„Подеднакво неприфатлива е и искажаната намера на Северна Македонија да не се придржува до меѓународните обврски и потпишаните договори. Ваквиот став е некомпатибилен со напредокот на европскиот пат. Остава сериозна загриженост дека во својата политика кон Бугарите и Бугарија, актуелната влада во Скопје ризикува да биде заробена од догмите на една минато време, отфрлена од сите демократски општества. Бугарската позиција е јасно наведена во Одлуката на Народното собрание од 24 јуни 2022 година, поддржана од сите политички сили. Оваа позиција на национално ниво нема да се менува“, стои во соопштението од бугарското МНР.
Ваквата реакција на Бугарија следува по изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека преговарачката рамка со Европската Унија може да биде адаптирана, нагласувајќи дека доколку ЕУ сака да го види напредокот на Северна Македонија кон членството, постојат реални можности за тоа.
„Ако постои искрена волја, тогаш сè е возможно“, рече Мицкоски.
Мицкоски рече дека со стабилна политичка состојба во Бугарија, тој е подготвен да разговара за неколку конструктивни предлози кои би овозможиле напредок во пристапните преговори со ЕУ.