Ветувања од власта и сомнежи од опозицијата можеа да се слушнат на вториот ден од собраниската седница за избор на новата влада предложена од мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Седницата за избор на владата започна вчера, а продолжи денеска (23 јуни) во 11 часот. Според собранискиот Деловник, расправата трае најмногу два дена што значи дека најдоцна до вечерва на полноќ треба да се случи и гласањето.
Во денешното продолжение на седницата, ВМРО-ДПМНЕ ги повтори основните заложби – евроинтеграција на државата, борбата против криминалот и корупцијата, развој на економијата, рамномерен регионален развој, приближување на власта до граѓаните, намалување на даноците, зголемување на пензиите и платите, градење добри односи со соседите и негување на меѓуетничките односи.
Видете и ова: Мицкоски ветува економски развој, за СДСМ владината програма е манипулативнаСДСМ, пак, се сомнева дека ќе се реализираат ветувањата.
„За неколку дена ВМРО-ДПМНЕ погазија многу ветувања, надежта почна да исчезнува. Загрижуваат одредени недоречени ветувања во предложената програма, како преиспитувањето и рационализацијата на органите на државната управа со можност за спојување и укинување на одредени државни органи, дали новата реорганизација изгласана по полноќ и во скратена постапка ви беше потреба за реформа која ќе биде и соодветно прочистување?“, рече, меѓу другото, од собраниската говорница пратеничката Сања Лукаревска од СДСМ.
Според неа, експозето на некогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во 2006 година е „речиси исто“ со тоа на сегашниот мандатар Христијан Мицкоски.
Во моментов пратениците се на пауза и се очекува седницата да продолжи околу 15 часот.
За да избере владата потребни се 61 глас „за“ во 120 члениот парламент. Новото владејачко мнозинство кое го сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, Вреди (ВЛЕН) и ЗНАМ заедно имаат 78 пратеници.
Видете и ова: Сириза: Го осудуваме новото прекршување на Договорот од Преспа од МицкоскиИдната влада, вклучувајќи го и Мицкоски како премиер, ќе брои 24 членови. Тој ќе има пет заменици односно вицепремиери. Во министерските фотелји ќе седнат само три жени.
Во новата влада ќе има вкупно 20 министерства, четири повеќе од досега. Во владиниот кабинет, 15 членови ќе бидат од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.