Сириза недвосмислено го осудува новото прекршување на Договорот од Преспа од претседателот на ВМРО - ДПМНЕ и мандатар за премиер на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски и ја повикува Владата на Мицотакис конечно да ги преземе предвидените дејствија, соопштија од грчката опозициска партија, јавува дописничката на Македонската информативна агенција (МИА) од Атина.
Во соопштението од Сириза велат дека „сакаат да го потсетат ВМРО оти континуираните прекршувања на Договорот од Преспа носат и предвидени санкции“, додавајќи дека целосното усогласување со Договорот „е неопходен услов за членство на Северна Македонија во ЕУ“.
Видете и ова: Мицкоски ветува економски развој, за СДСМ владината програма е манипулативнаПаралелно, од актуелната грчка влада бараат „веднаш да го интернационализира прашањето со тоа што новото раководство на Северна Македонија ќе биде соочено со своите одговорности пред меѓународната заедница од моментот кога ќе продолжи да го прекршува Договорот“.
„Навистина е жален фактот што Нова демократија и ВМРО, двете сестрински партии во ЕПП, се обидуваат, за да привлечат националистичка публика, да го торпедираат Договорот кој е пресвртница за сите народи на Балканот. Владата на Нова Демократија сноси тешка одговорност за оваа нова штета што ја нанесува на националните интереси, во име на својата неодговорна надворешна политика, избегнувајќи сите овие години какво било активно вклучување во Договорот за да ги одржи внатрепартиските рамнотежи“, пишува во соопштението од Сириза.
На употребата на името Македонија и тоа како што пишуваат „трипати“, грчките медиуми го ставаат акцентот во текстовите за говорот во Собранието на мандатарот за нова влада Христијан Мицкоски, а дел од информативните портали коментираат дека станува збор за „нова провокација“, јавува МИА.
Онлајн изданијата на медиумите, во главно ја пренесуваат веста од грчката новинска агенција АНА-МПА што е под наслов „Северна Македонија: Христијан Мицкоски ја нарече земјата „Македонија“ во експозето како мандатар за неговата Влада“.
Во македонското Собрание денеска започна дебатата за избор на новата влада која ќе ја предводи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Според собранискиот Деловник, предвидено е седницата да трае најмногу два дена, односно треба да заврши најдоцна до утре на полноќ. Владата ќе биде избрана ако за неа гласаат мнозинството од вкупниот број пратеници.