Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за идната Влада Христијан Мицкоски денеска изјави дека група пратеници од Коалицијата „Твоја Македонија“ во Собранието поднела Предлог закон за дополнување на Законот за енергетика по скратена постапка, со којшто рече дека ќе нема зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата.
„Имајќи предвид дека како идна влада не сакаме да се мешаме во работата на независните регулаторни тела, но исто така како идна влада имаме одговорност, а тоа го ветивме и пред граѓаните за време на кампањата за претседателските и парламентарните избори дека тие ќе бидат нашиот приторитет и стандардот на граѓаните ќе биде наш приеотритет“, рече Мицкоски.
Предлог-законот доаѓа откако техничката Влада одлучи државниот производител ЕСМ да му продава помала количина на струја на ЕВН Хоум, но за повисока цена, со што може да пораснат и сметките за струја за домаќинствата.
Видете и ова: РКЕ загрижена што техничката Влада одлучи ЕСМ да му продава помалку струја на ЕВН за повисока ценаВладата на затворена седница донела одлука државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) да му продава за 15 проценти помала количина на струја на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, но за 5 проценти поскапо, од 57 на 60 евра за мегават час.
Мицкоски денеска рече дека со измените на законот домаќинствата кои се во првата и втората група нема да добијат зголемени сметки за струја, но дека очекува да нема значително зголемување и за потрошувачите во третата и четвртата група, односно тоа би се движело од 1 до 2 проценти.
Со поднесениот предлог закон, како што рече, ќе се спречи зголемување на цената на струјата од 5 проценти почнувајќи од 1 јули, согласно одлуката донесена деновиве од техничката Влада.
Регулаторната комисија за енергетика и водни ресурси (РКЕ) на седницата која се очекува следната недела ќе треба да ја одреди крајната цена на струја што ќе ја плаќаат домаќинствата и малите потрошувачи.