Претседателот на Собранието, Африм Гаши, за в сабота (22 јуни) ја закажа седницата за избор на новата влада предводена од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Почетокот на седницата е предвиден во 11 часот, а расправата во парламентот може да трае најмногу два дена.
Закажувањето на седницата следува откако вчера (18 јуни) Мицкоски ја поднесе предлог-програмата за работа и составот на новата влада.
Покрај коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ владини партнери ќе бидат и коалицијата „Вреди“ (ВЛЕН) и партијата ЗНАМ. Во парламентот, оваа коалиција има мнозинство од 78 пратеници.
За избор на владата, пак, потребни се 61 глас „за“.
Видете и ова: Мицкоски очекува од понеделник новата влада да почне со работаПо поднесувањето на предлогот, Мицкоски изјави дека очекува расправата за избор на владата да заврши в недела до полноќ, a од понеделник (24 јуни) веќе да се фатат за работа.
Идната влада, вклучувајќи го и Мицкоски како премиер, ќе брои 24 членови. Тој ќе има пет заменици односно вицепремиери. Еден од нив, како „прв вицепремиер“. На оваа позиција ќе биде претседателот на Демократското движење од коалицијата „Вреди“ Изет Меџити, кој ќе биде и министер за животна средина и екологија.
„Вреди“ ќе имаат уште еден вицепремиер – Арбен Фетаи, кој ќе биде задолжен за добро владеење.
Вицепремиер ќе стане и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, кој ќе биде и министер за транспорт.
Две вицепремиерски места ќе заземат и партнерите од коалицијата „Твоја Македонија“ – претседателот на Социјалистичката партија Љупчо Димновски кој ќе биде и министер одговорен за политички систем и Иван Стоилковиќ од Демократската партија на Србите во Македонија кој ќе биде и министер за односи меѓу заедниците.
Видете и ова: Влада на Мицкоски – само три жени министерки, вицепремиер близок до МоскваПокрај Николоски, во идната влада функции ќе добијат и останатите тројца потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ: Тимчо Муцунски како министер за надворешни работи и надворешна трговија, Владо Мисајловски како министер за одбрана и Гордана Димитриеска Кочоска како министерка за финансии.
Весна Јаневска е предлог за министерка за образование и наука, а Сања Божиновска за прв човек во новоформираното Министерство енергетика, рударство и минерални суровини.
На владините седници столче ќе има и за тројца функционери од техничката влада на Талат Џафери: Панче Тошковски, кој е предлог за министер за внатрешни работи, Стафан Андоновски за министер за информатичко општество и дигитална трансформација и Цветан Трипуновски за министер за земјоделство.
Актерот Зоран Љутков треба да го предводи Министерството за култура и туризам, а поранешниот ракометен голман Борко Ристовски новоформираното Министерство за спорт.
Поранешниот директор на скопски „Водовод“ и некогашен шеф на кабинет на Мицкоски, Златко Перински, пак, ќе биде министер за локална самоуправа.
Видете и ова: Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе пополнува дупки во локалните буџетиОд Коалицијата „Вреди“, покрај споменатите Меџити и Фетаи, во Владата ќе бидат и: Арбен Таравари како Министер за здравство, Орхан Муртезани за европски прашања, Фатмир Лимани за социјална политика, демографија и млади и Бесар Дурмиши за економија и труд.
ЗНАМ, пак, ќе предводат два ресори: Министерството за правда за каде се предлага Игор Филков и Министерството за јавна администрација кое треба да го предводи Горан Минчев.
Шабан Салиу од Демократските сили на Ромите, која е дел од коалицијата „Твоја Македонија“ ќе биде министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декада на Роми.