Мицкоски очекува од понеделник новата влада да почне со работа

Северна Македонија - Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција по парламентарните и претседателските избори, Скопје, 8 мај 2024 година

Мандатарот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на 18 јуни до Собранието го достави предлогот за состав на владата и програмата за нејзината работа, откако претходно Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ги потврди предлозите за новиот владин состав.

Идната влада, вклучувајќи го и Христијан Мицкоски како премиер, ќе брои 24 членови. Владата ќе има пет вицепремиери.

Откако го претстави владиниот тим, Мицкоски рече дека очекува расправата за избор на владата да заврши в недела до полноќ, a од понеделник веќе да се фатат за работа.

Тој најави „бескомпромисна борба со криминалот“, брзи резултати во економијата, фокус на младите за да се спречи иселувањето, подобро време за граѓаните, линерано зголемување на пензиите за 5.000 денари, повеќе пари за капитални проекти во општините...

„Ја поднесов предлог-програмата за идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Заедно со програмата е поднесен и списокот за членовите на идната влада, како придружен список се и нивните биографии. Граѓаните очекуваат брзи резултати за она што оваа влада го ветуваше дека ќе го испорачува. Не ветувавме многу за време на кампањата, туку верувавме дека земјава ќе биде повторно на граѓаните. Изминативе седум години државата беше заробена од неколкумина властодршци“, рече Мицкоски.

Видете и ова: Здравствените работници бараат да се приоритет на новата Влада

Мицкоски не се согласува со критиките на дел од партиите дека идниот вицепремиер за односи меѓу заедниците, Иван Стоиљковиќ, е проруски настроен и рече дека секој член на владата мора да има промакедонски позиции.

„Секој што ќе излезе надвор од оваа патека, без разлика на позициите, нема да биде дел од владата. Очекувам 24-те министри и стотици функционери, сите заедно да имаат само промакедонски позиции, да се грижат за Македонија. Промакедонска позиција подразбира силен партнер на НАТО и земја која еден ден ќе биде членка на ЕУ. За позициите на Стоиљковиќ не се согласувам со вас, треба да поразговарате со него. Тој е човек кој е дел од Коалицијата „Твоја Македонија“ и верувам во неговата чесност и искреност и верувам во неговите татковински позиции. Ќе се уверите во кохезијата на владиниот тим кој ќе работи за интересите на Македонија“, рече Мицкоски.

Предлог за заменик претседател на владата и министер за транспорт е Александар Николоски. За министер за одбрана е предложен Владо Мисајловски. Предлог за функцијата министер за финансии е Гордана Димитриеска Кочоск, за надворешни работи и надворешна трговија е Тимчо Муцунски, а предлог министер за локална самоуправа е Златко Перински.

Стефан Андоновски е предложен да го води Министерството за информатичко општество и дигитална трансформација, Борко Ристовски е предложен за Министерството за спорт, а предлог министер за енергетика, рударство и минерални суровини ќе биде Сања Божиновска.

Видете и ова: Влада на Мицкоски – само три жени министерки, вицепремиер близок до Москва


Предлог за министер за земјоделство, шумарство и водостопанство е Цветан Трипуновски, за култура и туризам е актерот Зоран Љутков, а предлог за министер за внатрешни работи останува Панче Тошковски кој во изминатите речиси четири месеци ја извршуваше функцијата технички министер во ова министерство. Предлог за министер за образование и наука ќе биде професорката Весна Јаневска.

Од коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ се предложени Љупчо Димовски од Социјалистичката партија за заменик претседател на владата и министер одговорен за политички систем. Иван Стоилковиќ, претседател на Демократската партија на Србите во Македонија ќе биде предлог за заменик претседател на владата и министер кој ќе биде раководи со ресорот задолжен за односите меѓу заедниците. Шабан Салиу кој ќе биде предлог за министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декада на Роми.

За министер за правда е предложен Игор Филков, додека за министер за јавна администрација Горан Минчев од Движењето ЗНАМ.

Се очекува претседателот на Собранието, Африм Гаши, за в сабота во 11 часот да ја закаже седницата за избор на новата влaда, а гласањето да заврши најдоцна до недела на полноќ.

Новата владина коалиција во парламентарниот состав формиран по изборите на 8 мај, ќе има мнозинство од 78 пратеници од кои 58 се од ВМРО-ДПМНЕ, 14 од Вреди и шест од ЗНАМ.