Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска изјави дека ќе се бори за остварување на стратешките цели за државата да стане членка во Европската Унија, да има добри релации со стратешките партнери, но дека нивната носечка цел ќе биде да ја обноват довербата во институциите на државната власт, да ја елиминираат корупцијата и да обезбедат владеење на правото.
Мицкоски е мандатар за формирање нова влада, во која во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат и албанската коалиција Вреди и партијата ЗНАМ. Тој во неделата на 16 јуни ги соопшти имињата на министрите што ќе ги предложи.
Инаку, собраниската седница за избор на новата влaда се очекува претседателот на Собранието Африм Гаши да ја закаже за сабота во 11 часот, а таа треба да заврши најдоцна до недела на полноќ. Како што најави мандатарот Христијан Мицкоски, се очекува тој утре до Собранието да го достави составот на владата и програмата за нејзина работа.
Видете и ова: Влада на Мицкоски – само три жени министерки, вицепремиер близок до МоскваТој им порача на новите функционери да ги „засукаат ракавите“ и кажа дека нема тајни формули, лажни верувања или суеверија, а дека рецептот за успехот е работа, чесност и посветеност.
„Никој од вас овде во салата не смее да застрани. Не ја прифаќам тезата нормално барем еден да застрани или скршни. Одговорот е дека и тој еден веднаш ќе биде сменет. И при таква ситуација не само што силно ќе ме разочарате, ќе го разочарате народот кој ни даде историски најголема поддршка. Немаме никакви сто дена грејс период, ниту медени месеци, немаме ниту 100 минути. Јас не верувам во такви оправдувања. Мора напорна работа од првиот час, и првиот ден“, рече Мицоски.
Тој денеска присуствуваше на свеченост „34 години ВМРО-ДПМНЕ, 131 година ВМРО, завет, слобода, иднина, продолжуваме“ што се одржа во театарoт „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ во Велес.
Мицкоски рече дека владата која ќе ја создадат ќе биде посветена на враќање на Македонија на нејзиното вистинско место како просперитетна, праведна и динамична демократија.
„Но ние немаме да се загубиме на тој пат преку непринципиелни договори штетни за државата. Нашиот излез ќе биде нашата работа, нашата иднина ќе биде нашата сила добиена од волјата на народот“, рече Мицкоски.