Европската унија (ЕУ) ќе ја разгледа можноста за повторно воведување визен режим за Грузијците, според објавениот документ, како одговор на широко критикуваниот закон за „странски агенти“ усвоен од парламентот и покрај уличните протести и меѓународните предупредувања.
Покрај суспендирањето на безвизниот режим на ЕУ, кој е во сила од 2017 година, документот, кој го виде Радио Слободна Европа (РСЕ), исто така повикува на разгледување на санкции против највисоките грузиски владини претставници, суспензија на финансиската помош и други мерки. .
РСЕ не можеше веднаш да добие коментар од грузиските владини претставници.
Грузискиот парламент, кој е под контрола на партијата Грузиски сон, минатиот месец даде конечно одобрување на таканаречениот закон за „странски агенти“, со што го отфрли ветото на претседателот Саломе Зурабишвили.
Законот налага невладините организации и медиумските групи кои добиваат најмалку 20 отсто од своите средства надвор од државата да се регистрираат како организации кои „ги следат интересите на странска сила“.
Прекршувањето на законот може да резултира со парични казни над 9.000 американски долари.
Законот е направен по модел на сличен во Русија, кој првично беше усвоен во 2012 година, а постепено се проширува и заострува за да вклучи граѓански групи, активисти за човекови права, медиумски организации и други. Законот принуди затворање на десетици организации и поединци во Русија, а активистите и новинарите ги принуди да ја напуштат земјата.
РСЕ, како и ТВ-мрежата на руски јазик Current Time и одредени делови од уредничките служби на Радио Слободна Европа беа прогласени од руското Министерство за правда за странски агенти во 2017 година. РСЕ ја затвори својата канцеларија во Москва во 2022 година.
Во Грузија, пратениците го усвоија законот и покрај се поострите предупредувања од ЕУ и САД.