Поротата од судот во Вилмингтон го прогласи Хантер Бајден, синот на американскиот претседател Џо Бајден, виновен за нелегално поседување оружје додека користел дрога.
Како што пишува Ројтерс, 12-члената порота го прогласи за виновен по сите три точки од обвинението, што го прави првиот син на американски претседател кој е осуден за кривично дело.
54-годишниот Хантер Бајден ја напушти судницата без да им се обрати на медиумите.
Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека го прифаќа исходот од судскиот спор против неговиот син.
„Како што реков минатата недела, јас сум претседател, но сум и татко. Џил и јас го сакаме нашиот син и сме многу горди на него. Многу семејства чии најблиски се бореле со зависноста го разбираат чувството на гордоста кога ќе видите колку оној што го сакате е силен и истраен во неговото закрепнување“, рече американскиот претседател.
Видете и ова: Судскиот процес против Хантер Бајден започна по пресудата на ТрампТој рече дека ќе продолжи да го почитува судскиот процес додека неговиот син ја разгледува жалбата.
Судијата не одреди датум за донесување на пресудата, но посочи дека рокот обично е околу 120 дена. Тоа значи дека изрекувањето на пресудата ќе биде најдоцна еден месец пред претседателските избори во САД на 5 ноември.
Казната затвор што му се заканува на Хантер Бајден е од 15 до 21 месец.
Сепак, адвокатите велат дека Хантер Бајден би можел да добие полесна казна и помали ќе бидат шансите за затвор ако се придржува до условите што мораше да ги почитува додека беше на слобода пред судењето.
Како течеше судењето?
Случајот го покрена специјалниот обвинител на американското Министерство за правда, Дејвид Вајс, кој беше именуван од Доналд Трамп, поранешниот американски претседател и главен ривал на Бајден на претстојните избори.
Судењето на Хантер Бајден започна на 3 јуни во сојузната држава Делавер. Тој беше обвинет за три кривични дела кои произлегоа од набавката на револвер во 2018 година.
Обвинителството го гони дека лажел оти не е корисник на дрога кога купил „Колт кобра“ во Вилмингтон и дека со тоа нелегално поседувал револвер цели 11 дена.
Вајс, исто така, го обвини Хантер за три кривични дела и шест даночни прекршоци во Калифорнија, а судењето за тие обвиненија, кои тој ги отфрли, е закажано за 5 септември.
Синот на претседателот се изјасни за невин и во случајот за недозволено поседување оружје.
Тој одлучи да не сведочи во судскиот процес, а неговиот адвокатски тим соопшти дека нема да повика други сведоци во постапката.
Судењето и претседателските избори
Судењето против Хантер Бајден започна кратко по историската пресуда за Трамп за 34 точки од обвинението за фалсификување деловни книги пред претседателските избори во 2016 година.
Видете и ова: Трамп е осуден. Што понатаму?Трамп тврди дека тој процес е политички монтиран и дека владата го користи судскиот систем против него.
Според Ројтерс, демократите би можеле да ја искористат оваа пресуда за да му контрираат на тврдењата на Трамп.
Во однос на случајот со Хантер Бајден, околу 61 отсто од регистрираните гласачи кои учествуваа на анкетата на Ројтерс/Ипсос во февруари рекоа дека неговите правни проблеми нема да влијаат на тоа дали ќе гласаат за неговиот татко во ноември.
Анкетите покажуваат дека гласачите се поделени околу тоа дали правните проблеми на Хантер Бајден се поврзани со претседателствувањето на неговиот татко.