ЕУ за „сесрпската декларација“: Не може да се нарушува суверенитетот на БиХ

Знамиња на ЕУ и БиХ (фотоархива)

Суверенитетот, територијалниот интегритет, уставниот поредок и меѓународниот идентитет на Босна и Херцеговина (БиХ) не може да се нарушуваат и секое дејство против овие принципи ќе доведе до сериозни последици, порача денеска (11 јуни) Европската Унија (ЕУ).

Во писмениот одговор до Радио Слободна Европа (РСЕ), портпаролот на ЕУ Петер Стано реагира на Декларацијата за заштита на националните и политичките права и заедничката иднина на српскиот народ, која беше усвоена на заедничка седница на Владата на Србија и ентитетот Република Српска во БиХ. Декларацијата беше усвоена на настанот „сесрпски собор“ одржан во Белград на 8 јуни.

„Очекуваме политичките лидери од земјите кои претендираат да се приклучат на Европската унија да негуваат добрососедски односи и регионална соработка, принципите и вредностите за кои се залага ЕУ“, се додава во одговорот на Стано.

Ден пред реакцијата од Брисел, американската амбасада во БиХ соопшти дека заклучоците усвоени на „Сесрпскиот собор“ претставуваат напад врз Дејтонскиот договор и државните институции на Босна и Херцеговина, по што реакција на оваа порака најави претседателот на Србија Александар Вучиќ.

Видете и ова: „Сесрпски собор“ во Белград: Србија и Република Српска усвоија заедничка Декларација

Што е наведено во Декларацијата?

Во Декларацијата за заштита на националните и политичките права и заедничката иднина на српскиот народ, документ со 49 точки, меѓу другото се наведува дека српскиот народ претставува единствена целина.

Во неа се наведува дека соборот не ја поддржува Резолуцијата за геноцидот во Сребреница, која беше изгласана во Обединетите нации на крајот на мај.

„Со наведената Резолуција се направи обид колективно да се обвини целиот српски народ, што е неприфатливо и не може да се спроведе“, пишува во Декларацијата.

Во текстот, меѓу другото, се наведува дека соборот смета оти назначувањето на висок претставник во БиХ е спротивно од Дејтонскиот мировен договор, кој предвидува дека за назначување на висок претставник е потребна согласност од договорните страни, како и соодветна резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации.

Исто така, се констатира дека Дејтонскиот мировен договор е „трајно и значително нарушен“, а сите меѓународни актери се повикуваат да се вратат на неговото почитување.

Видете и ова: „Разделба“ не значи независност, туку крај на Република Српска, според амбасадата на САД во БиХ

Се наведува и дека Република Српска е задоволна од високиот степен на автономија дефинирана со Дејтонскиот мировен договор и затоа инсистира на имплементација на тој договор, како меѓународен договор кој не може да се менува еднострано или преку интервенционизам.

„Сесрпскиот собор смета дека Република Српска може, до степен до кој ќе оцени дека е целисходно, да ги активира сите надлежности кои според Дејтонскиот мировен договор се предвидени како надлежности на ентитетот“, се додава во документот.

Во Декларацијата што ја усвоија владите на Србија и Република Српска, се наведува дека српскиот народ, Србија и Република Српска треба да ги зачуваат историските пријателства со „докажаните пријатели“, но и да градат нови сојузи.