Унгарците денеска (9 јули) гласаат на изборите за Европскиот парламент, но и на локални избори кои се гледаат како тест за моќта на авторитарниот премиер Виктор Орбан и неговата десничарска популистичка партија Фидес, која речиси 15 години ја има власта во раце, а сега е пред еден од најсериозните предизвици.
Питер Маѓар, 43-годишен адвокат и некогашен сојузник на Орбан, со обвинувањата за корупција и лошо управување, привлекува сè поголем број поддржувачи од почетокот на оваа година.
На митингот што вчера (8 јуни) го организираше Маѓар, кој сега е основач и лидер на партијата Почит и слобода (Тиса), пред десетиците илјади поддржувачи порача дека „ако сакате, Унгарија ќе биде земја на правдата, честа и законите“.
„Унгарија нема да биде клин, туку врска меѓу Истокот и Западот“, додаде тој.
Видете и ова: Успех на екстремната десница на европските избориПартијата Фидес на Орбан не е дел од ниту една група во Европскиот парламент, но се надева дека на изборите ќе има корист поради растот на екстремно десничарското расположение низ целиот континент. Очекувањата се дека по изборите, бројот на пратеници од екстремно десничарските партии во Европскиот парламент ќе се зголеми.
Партијата на Маѓар се претстави како центристичка алтернатива на нелибералниот популизам на Орбан и најверојатно ќе добие неколку места во Европскиот парламент.
Орбан налути многу лидери во ЕУ поради неговата авторитарна политика, противењето на помошта за Украина и неговите блиски врски со рускиот претседател Владимир Путин.
Тој тврди дека гласањето за опозицијата ќе ја вовлече Унгарија директно во војната што се одвива во соседна Украина и ќе забрза глобален вооружен конфликт.
Поддршката за Фидес во последните анкети се движи од 44 до 48 отсто од гласачите. Десничарската Тиса има 23 до 29 отсто, но многу набљудувачи сметаат дека победата на Фидес не е сигурна со оглед на силниот подем на партијата што беше создадена пред само неколку месеци.
Видете и ова: Орбан води на анкетите за европските избори, опозицијата се бори за поддршкаГабор Тока, професор и истражувач на Централноевропскиот универзитет и автор на изборниот водич „Вокс Попули“, за РСЕ изјави дека анкетите можеби не се целосно точни и дека анкетарите „ги прашуваат луѓето кои одговараат на еден начин, но можеби подоцна нема да гласаат така“.
„Има многу луѓе кои во последен момент одлучуваат за кого ќе гласаат. Кога политичката ситуација навистина се менува од недела во недела, од големо значење е точно кога е направена анкетата“, вели тој.
Изборите, исто така, ќе бидат тест и за контроверзната Канцеларија за заштита на суверенитетот (СЗХ), која беше формирана во февруари и која влезе во кампањата за јавно оцрнување на поединци и групи и криминализирање на кандидатите поради обвинувањата за странско финансирање и влијание.
„Оваа агенција е создадена за да спречи непријатни изненадувања за Орбан на претстојните избори“, изјави за РСЕ Ким Лејн Шепеле, професор од Принстон и експерт за авторитарни режими и унгарска политика и право.
Орбан рече дека победата на изборите е „потребна“ и предвиде дека Фидес ќе добие „засилување“ од секоја европска земја со што ќе може да формира про-мировна европска коалиција во Брисел.
Тој, исто така, ги коментираше претседателските избори во САД, велејќи дека Американците во ноември ќе имаат „шанса да изберат претседател за мир“, мислејќи на очекуваниот републикански претседателски кандидат Доналд Трамп.
Орбан, кој постојано изјавува дека Украина не може да победи, рече дека војната „нема решение на бојното поле“ и го повтори својот повик за преговори за ставање крај на целосната инвазија што Русија ја започна во 2022 година.
Маѓар, долгогодишен политички инсајдер во партијата Фидес, работел во Министерството за надворешни работи и во постојаното претставништво на Унгарија во ЕУ. До 2023 година, тој беше во брак со Јудит Варга, истакната членка на Фидес и поранешна министерка за правда.
Видете и ова: Што значат европските парламентарни избори?Тој го привлече вниманието во февруари кога неговата поранешна сопруга беше инволвирана во случај во кој маж беше помилуван откако беше прогласен за виновен за соучесник во случај со сексуален напад на деца.
Скандалот им стави крај на политичките кариери и на Варга, но и на претседателката на Унгарија, Каталин Новак, која си поднесе оставка.
Маѓар на почетокот на мај им рече на поддржувачите дека доаѓаат промени во земјата што актуелните лидери нема да можат да ги спречат.
„Промената може да се запре за неколку дена, неколку недели, но никој во историјата никогаш не ја запрел, а не можат ниту тие“, рече Маѓар на 4 мај.