Макрон и Бајден во Париз ќе разговараат за Украина

Макрон и Бајден на одбележувањето на 80-годишнината од Денот Д на 6 јуни.

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска (8 јуни) во Париз ќе разговара со американскиот претседател Џо Бајден. На врвот на агендата при денешната средба на двајцата лидери е Украина.

САД важат за убедливо најголемиот придонесувач во одбраната на Украина, додека Франција го финализира создавањето на коалиција на воени инструктори за Киев.

И Макрон и Бајден досега често реагираа на темпото со кое се испраќа поддршка за Киев.

Двајцата претседатели во четвртокот присуствуваа на церемониите што се организираа по повод 80-годишнината од Денот Д. Следниот ден, имаа одделни средби со украинскиот претседател Володимир Зеленски од кои порачаа дека има итна потреба за поддршка на Киев против руската инвазија.

Видете и ова: Бајден на одбележувањето на „Денот Д“: САД и НАТО нема да се откажат од одбрана на Украина

Макрон на прес-конференција со Зеленски рече дека неколку француски партнери веќе се согласиле на бидат дел од коалицијата на инструктори.

„Претстојните денови ќе ги искористиме да ја финализираме најголемата можна коалиција за спроведување на украинското барање“, рече тој.

На оваа тема, Зеленски минатата недела посочи дека е потпишан документ кој им овозможува на француските воени инструктори наскоро да пристапат во украинските центри за обуки.

Русија реагираше дека тие ќе бидат „легитимна мета“ на руските вооружени сили.

Киев последните недели бара Европа да ја зголеми воената поддршка бидејќи Русија започна да освојува терен на бојното поле, особено во источниот регион Харкив.

Портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби, во петокот изјави дека благодарение на неодамнешната американска помош, Украинците можат „да го спречат рускиот напредок“, особено во Харкив.

Рускиот претседател Владимир Путин, кој нареди целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година, пак, во петокот предупреди дека Европа е „неодбранлива“ поради недостаток на систем за рано предупредување.