Узбекистанската исламска правна управа се извини за „невнимателна“ фатва за криптовалути

Илустрација

Илустрација

Највисоката исламска власт во Узбекистан ја отповика фатвата против криптовалутите, обвинувајќи ја „невнимателноста“ за нејзиното појавување на интернет и велејќи дека сè уште го проучува ова прашање.

Центарот за фатва на духовната дирекција на муслиманите во Узбекистан првично рече во објава на 3 јуни на својата веб-страница дека криптовалутите не ги исполнуваат стандардите на шеријатскиот закон за пари.

Центарот за фатва ја наведе нестабилноста на цените на криптовалутите и „знаците на коцкање“ во крипто културата како основа за тоа да се смета за харам, односно забрането со исламскиот закон.

Центарот додаде дека „ниту една земја во светот не произведува криптовалути и никаде не е официјално призната“.

Видете и ова: Како украински функционери од ерата на Јанукович истурија милиони во недвижности во Дубаи

Но, Ел Салвадор официјално го призна Биткоин како законско средство за плаќање. Покрај тоа, многу влади ширум светот дозволуваат и го регулираат рударството на криптовалути - енергетски интензивен, компјутерски, криптографски процес со кој се создаваат криптовалути.
Центарот за фатва додаде дека духовните власти во голем број земји вклучително Турција, Египет и Јордан имаат издадено насоки против криптовалутите.

Со оглед на тоа што повеќе од 90 проценти од 35-милионското население на Узбекистан се идентификуваат како муслимани, мислењата на Духовната управа на муслиманите во Узбекистан, познат и како муфтија, имаат тежина.

Но, тие немаат правна сила и нејзините свештеници работат под близок надзор на владата, која создаде сеопфатен сет на регулативи за крипто секторот, кој го гледа како извор на инвестиции и приходи.

Доцна на 3 јуни, Центарот за фатва објави извинување на Телеграм за потенцијалната пресуда, која ја припиша на „невнимание“ и „технички причини“.

„Треба да се забележи дека директорот на Центарот за фатва, шеикот Нуридин Холикназар, и неговите заменици моментално го извршуваат хаџот“, соопшти телото, мислејќи на аџилакот во Мека пропишан како верска должност за муслиманите. Се додава дека „истражувањето на криптовалутите допрва треба да биде завршено“.

Од почетокот на 2023 година, жителите на Узбекистан можат легално да се вклучат во крипто трансакции, но само преку лиценцирани провајдери.

Последователно беа направени промени во Кривичниот законик кои ќе ги казнуваат граѓаните кои купуваат и продаваат криптовалути на странски берзи, како што е Binance.