Украинските функционери и јавни службеници кои служеа во времето на владеењето на про-рускиот претседател Виктор Јанукович, вложиле милиони долари во недвижен имот во Дубаи, а не ги пријавиле овие средства или се соочиле со обвиненија за корупција, злоупотреба на службената положба или предавство, покажува најновиот извештај на Шеми, истражувачкиот оддел на украинскиот сервис на РСЕ.
Истрагата е дел од прекуграничната соработка на повеќе од 70 медиуми ширум светот врз основа на низа протечени податоци кои обезбедуваат детален преглед на илјадници имоти во Дубаи и информации за нивната сопственост или користење, главно од 2020 и 2022 година.
Меѓу поранешните украински функционери, се министерот за екологија на Јанукович и неколку пратеници од Партијата на регионите на чело со поранешниот претседател, чија одлука да побегне од Украина поради масовните улични протести во 2014 година беше меѓу предизвикувачите кои доведоа до заземањето на украинскиот полуостров Крим од страна на Русија и на крајот нејзината целосна инвазија на Украина во 2022 година.
Додека украинските закони не ги спречуваат граѓаните - вклучително и државните службеници - да се стекнат со недвижен имот во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), антикорупциските чувари веќе долго време забележуваат дека кралството на Персискиот залив е магнет за незаконско богатство.
Том Китинг, директор на Центарот за финансии и безбедност на Кралскиот Институтот за услуги, со седиште во Лондон, за Шеми изјави дека Обединети Арапски Емирати беше место каде што нечии „пари се безбедни, а прашањата се малку“.
„Значи, ако сте некој кој има пари и сакате да ги преместите надвор од контрола во вашата земја, тогаш ОАЕ се одлично место за тоа“, рече Китинг.
Торби со готовина
Меѓу најистакнатите имиња откриени во истражувањето е она на Микола Злочевски, кој беше министер за животна средина на Јанукович и ја основаше групацијата Бурисма, најголемиот производител на природен гас во Украина во приватна сопственост. Бурисма се вплетка во внатрешните политички битки на САД за еден од нејзините членови на одборот, Хантер Бајден, син на американскиот претседател Џо Бајден.
Во јули 2019 година, Злочевски купи два стана во „W Residences Dubai - The Palm“, елитен станбен комплекс на брегот на Персискиот Залив, купувајќи го за 11 милиони долари.
Додека Злочевски повеќе не беше јавен службеник во времето на овие набавки на недвижен имот, тој подоцна беше ставен на листа на трага од страна на украинските власти поради сомневање за проневера и обид за поткуп од 5 милиони долари на службениците за спроведување на законот. Тој на крајот се изјасни за виновен по обвинението.
Според неговиот договор за признавање вина со истражителите, Злочевски донираше повеќе од 15 милиони долари на украинската војска за купување беспилотни летала и друга помош.
Сопственоста на двата стана во Дубаи беше пренесена на ќерката на Злочевски, Ана, во 2022 година, а евиденцијата за недвижности покажува дека семејството на поранешниот министер користело кипарски пасоши за да ги стекне имотите.
Ниту Злочевски, ниту неговата ќерка не одговорија на барањето за коментар испратено до неколку фирми на нивното семејство.
Новинарите од шведскиот јавен радиодифузер SVT успеаја да спроведат обиколка на имотот од водечката компанија за развој на недвижности во Дубаи, Damac, за време на која на „скриените“ новинари им беше кажано дека можат да купат стан со „вреќи со готовина“ или криптовалути и да се соочат со „нула прашања“ за изворот на средствата.
„За имотите нема да бидете испрашувани од ниту еден оддел...особено самиот инвеститор. Секој што сака да купи може да купи“, ни рече продавач на имотот.
Тој, исто така, објасни како купувањето недвижен имот со готовина им помага на клиентите да избегнат банкарски прашања за потеклото на нивните пари.
„Доколку го продадете имотот и потоа го префрлите целиот износ на жиро сметка, тогаш нема проблем, нема да бидете испрашувани од каде ја носите готовината за да го купите имотот и потоа да го ставите во банка“, рече продавачот.
Претставник на Damac подоцна рече дека фирмата ги проверува своите клиенти и дека не е политика на компанијата да им препорачува на клиентите да купуваат недвижен имот со готовина.
„Доколку вашиот таен известувач продолжил понатаму низ процесот на продажба надвор од првата средба со продавач, тие би биле сведоци на контролата и засилените мерки што ги применуваме за трансакциите што предизвикуваат црвени знамиња“, рекоа од компанијата, додавајќи дека ќе ги истражат изјавите на продавачот.
Нетранспарентноста на пазарот на недвижности во Дубаи им отежнува на владите да се осигураат дека нивните граѓани кои поседуваат имот таму ги плаќаат бараните даноци.
„Ако Украинец поседува недвижен имот во Дубаи и го продаде или изнајмува, тој мора да плати данок на доход и воена такса“, изјави украинскиот економист Вјачеслав Черкашин за Шеми.
„Се разбира, никој нема да брза да плати такви даноци“, додаде Черкашин.
Модерни имоти и Партијата на регионите
Повеќе поранешни пратеници од сега забранетата руско-пријателска Партија на регионите на Јанукович, се исто така меѓу некогашните украински функционери чии имиња се појавија во податоците на истражувањето „Дубаи документи“ (Dubai Unlocked), вклучувајќи го и Вјачеслав Бохуслаев, поранешен пратеник во јужниот регион Запорожје.
Бохуслаев беше претседател на воздухопловната компанија „Мотор Сич“, која украинската влада ја национализираше по целосната инвазија на Русија во февруари 2022 година.
Од 2009 до 2018 година, Бохуслаев и неговиот син Олександр купиле најмалку 19 станови и деловни простории во Дубаи за вкупна цена од околу 15 милиони долари. Еден од становите бил регистриран на Бохуслаев, додека останатите биле во сопственост на неговиот син, кој работел како заменик-претседател на надзорниот одбор на „Мотор Сич“.
Нивната поврзаност со овие имоти никогаш досега не била откриена во јавноста.
Само пет од 19-те имоти остануваат во сопственост на Бохуслаеви. Почнувајќи од 2019 година, годината кога Бохуслаев престана да биде пратеник во парламентот, семејството почна да ги продава своите недвижнини во Дубаи.
Бохуслаев беше приведен од украинските органи за спроведување на законот во 2022 година по руската инвазија претходно истата година под обвинение за предавство, финансирање тероризам и противење на вооружените сили на Украина - тврдења што тој ги негира. Тој во моментов е во притвор најмалку до 10 јуни.
Претходните истраги на „Шеми“ ги открија врските на Бохуслаев со претставници на државните ирански воени компании, вклучително и производителите на беспилотни летала Шахед што руската војска ги распореди во својата војна против Украина.
Украинското државно обвинителство изјави дека допрва треба да добие „сигурни информации и документи“ од ОАЕ за имотите на семејството Бохуслаев, но рече дека „се преземаат мерки за идентификување и запленување“ на странски имот во сопственост на Бохуслаев и неговиот син.
Прашањата испратени до Бохуслаев преку неговиот адвокат за неговиот имот во Дубаи останаа без одговор.
Друг поранешен пратеник од Партијата на регионите, поранешниот заменик-шеф на Државната служба за миграција, Васил Хрицак, и неговото семејство купија два апартмани во Дубаи за повеќе од 700.000 американски долари. Во 2019 година, сопственоста на еден од становите беше пренесена на синот на Хрицак, Игор. Сопругата на Хрицак и уште еден син се косопственици на другиот. И двата апартмани се изнајмени, со приход од повеќе од 370.000 долари, според податоците на истражувањето.
Прашан за коментар од Шеми, Хрицак тврдеше дека „прв пат слуша од нас“ дека поседува недвижен имот во Дубаи.
Обвинители и судиите со имот во Дубаи
Поранешните државни службеници во правосудниот систем на Украина, исто така, стекнале повеќе имоти во Дубаи, покажуваат податоците на ова истражување.
Тие го вклучуваат Олех Корнилов, поранешен заменик-обвинител во јужниот регион Одеса, кој купи стан од 90 000 долари во луксузната кула Jumeirah Bay X1, која има пристап до вештачките езера и блиските плажи, во зимата 2011-12 година, кога тој веќе беше именуван за заменик обвинител во Одеса.
Корнилов подоцна стана заменик-шеф на истражниот оддел на регионалното обвинителство, а потоа и шеф на единицата. По неговото отпуштање во 2014 година, по бегството на Јанукович во Русија, Корнилов се заглави во долготрајна битка да ја задржи својата работа.
Тој, исто така, продолжи да купува недвижен имот во Дубаи, покажуваат записите, откупувајќи хотелски апартман во елитниот дел на Емиратите за 210.000 долари во 2016 година.
Ниту еден од овие имоти (од кои два оттогаш се продадени) не беа наведени во изјавите на Корнилов, ниту беа споменати во изјавата на неговата сопруга, која од 2013 година исто така беше обвинител во регионалното обвинителство на Одеса. Во 2028 година, таа поднесе апликација за кандидат за висока регионална позиција под надлежност на Комесарот за човекови права на украинскиот парламент.
Во телефонски разговор со Корнилов, тој негираше дека има станови во Дубаи. Кога му кажавме дека неговата сопственост е заведена во официјалните податоци за имотот на Обединетите Арапски Емирати, тој ја спуштил слушалката и не одговараше на понатамошни повици и пораки.
Сопругата на Артур Јемељанов, влијателен судија од ерата на Јанукович, исто така беше наведена како сопственичка на три апартмани во елитната област Дубаи Марина во Дубаи кои чинат вкупно 1,8 милиони долари, покажуваат податоците на истражувањето.
Свитлана Јемељанова работеше како заменик во градскиот совет на источниот украински град Доњецк до 2014 година.
Јемељанова и нејзиниот сопруг, кој се соочи со обвинувања дека можеби се мешал во автоматската распределба на случаите меѓу украинските судии, се разведоа есента 2014 година, а поранешната сопруга на судијата ги купи другите два стана во 2017 и 2018 година за 620.000 и 560.000 долари поединечно.
Претходните истраги на Шеми открија докази дека Јемељанов и неговата поранешна сопруга продолжиле да одат заедно на одмор и да поминуваат време во Виена, каде што живеела со нивните деца.
Јемељанов одби да разговара за имотите во Дубаи кога „Шеми“ стигна до него, велејќи дека неговата поранешна сопруга го купила недвижниот имот.
„Светлана и јас продолжуваме да комуницираме. Ние сме цивилизирани луѓе, а разводот не е фактор што ја спречува понатамошната комуникација“, рече Јемељанов.
Тој додаде дека ниту тој, ниту неговата поранешна сопруга не се вмешани во криминалниот случај, кој го нарече „неоснован“ обид за „ширење невистини за мене“.
Тој, сепак, рече дека властите извршиле претреси во простории во негова сопственост и во сопственост на неговата поранешна сопруга, но во врска со друга правна работа.
Украинското Државно биро за истраги (ДБР) за Шеми изјави дека од мај 2024 година, ниту Јемељанов, ниту неговата сопруга не се предмет на сомневања за ова кривично дело.
Свитлана Јемељанова не одговори на барањето за коментар за имотите во Дубаи.