Откако Советот на Општина Аеродром, на вчерашната седница го усвои деталниот урбанистички план за дел од населбата Лисиче, од општината велат дека ДУП-от предвидува изградба само на една зграда, два паркови и решава важни урбанистички и комунални прашања на граѓаните кои живеат во овој дел од општината. Оттаму ги отфрлаат тврдењата за бетонизација на општината и коментираат дека овие обвинувања единствено одат во прилог на дневно политичките интереси на одредени политички структури.
„Финалната верзија на урбанистички план е изработена да го унапреди урбаното живеење и да го подобри квалитетот на живот во Аеродром и во истата се инкорпорирани забелешките и мислењата на сите засегнати страни“, реагираат од општината.
Видете и ова: Се „гуши“ ли Скопје од трговски центри среде беспарица и бетонДодаваат дека со донесувањето на урбанистичкиот план, уште еднаш покажале отвореност, транспарентност и грижа за проблемите на граѓаните и ДУП-от отвора можност за понатамошен економски развој на општината.
„Изработката на деталниот урбанистички се реализираше транспарентно и во неколку фази, со вклученост на граѓаните и експертската јавност. Дополнително, ДУП-от за дел од населбата Лисиче доби позитивно мислење од сите надлежни институции, вклучително Министерството за транспорт и врски, Министерство за животна средина, Градот Скопје и сите надлежни институции“, велат од општината.
На вчерашната седница, овој ДУП воопшто не бил планиран за разгледување. Но, мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ од 16 советници ја изгласале точката на дневниот ред и го усвоиле ДУП-от.
Граѓаните веќе неколкупати протестираа поради носењето на претходниот ДУП поради што општината го повлече и го доработи. Наместо 9 висококатници, сега е планирана една зграда со големина на дванаесеткатница.