Потсекретарката за јавна дипломатија и односи со јавноста во американскиот Стејт департмент, Елизабет Ален, во разговор за СДК вели дека САД го поддржуваат Преспанскиот договор со Грција и дека се разочарани што претседателката Гордана Сиљановска-Давкова не го користеше уставното име Северна Македонија при инаугурацијата.
Потсекретарката Ален, која викендов беше во посета на Скопје, не сака да прејудицира што би се случило ако новата влада реши да не го почитува Преспанскиот договор.
Ален денеска со посетата на Северна Македонија ја заврши турнејата низ земјите на Западен Балкан, при што ги посети Босна и Херцеговина, Србија и Косово.
На прашањето на СДК што би се случило ако новата македонска влада реши да не го почитува Преспанскиот договор со Грција, дали и што САД ќе променат во поддршката за Македонија, Ален изјави:
„Се разбира, ние го поддржуваме Преспанскиот договор и бевме разочарани кога видовме дека претседателката не го користи целосното и формално име Северна Македонија. Ќе следиме да видиме што прави владата. Во постојан дијалог сме со владата која е во тек на формирање. И затоа, тука не би прејудицирала никакви последици, но, секако, би се надевале и охрабруваме дека лидерите на Северна Македонија ќе се придржуваат до меѓународните договори“.
Видете и ова: Сиљановска-Давкова положи заклетва и порача: Време е за единствоПретседателката Сиљановска-Давкова не кажа Северна Македонија туку само Македонија при заклетвата на инаугурацијата во Собранието на 12 мај. Следниот ден, во соопштение од нејзиниот кабинет кажаа дека таа свечената заклетва ја потпишала со уставното име на земјата, дека претседателката ќе се придржува до официјалната примена на уставното име, но дека „има право да го употребува името Македонија во своите јавни настапи, како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација“.
Видете и ова: Скопје и Атина пак „се фатија“ за иметоПретходно и од амбасадата на САД во земјава порачаа дека остануваат цврсто посветени на Договорот од Преспа и на евроатлантските интеграции на Северна Македонија. од амбасадата рекоа дека откако ќе се формира нова влада и ќе се избере премиер, ќе продолжат да ја зајакнуваат важноста на почитувањето на меѓународните договори и придобивките од напредокот на државата со полноправно членство во Европската Унија.
Пораки и потсетувања за почитување на договорот од Преспа стигнаа и од Европската Унија. Од грчка страна, пак, не стивнуваат острите реакции и предупредувања дека Северна Македонија нема да има напредок во евроинтеграциите ако новата влада не го користи уставното име на државата.