Блинкен најавува транша од 2 милијарди долари воена помош за Украина

Блинкен на прес-конференција во Киев на 15 мај.

САД брзаат да стигне воена помош од 2 милијарди долари за украинските сили додека тие се борат да го запрат рускиот напредок во севоисточкиот регион Харкив, вели американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Блинкен, кој ова го изјави на заедничка прес-конференција украинскиот министер за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеб на 15 мај во Киев, рече дека средствата се наменети за обезбедување оружје за украински војници. Тие се дел од неодамна одобрениот пакет американска воена помош за Киев од 61 милијарда долари.

Пакетот беше одобрен пред неколку недели по повеќемесечни одложувања поради политичките расправии во американскиот Конгрес.

Видете и ова: Како украински функционери од ерата на Јанукович истурија милиони во недвижности во Дубаи

Најавата на Блинкен дојде откако претходниот ден украинскиот претседател Володимир Зеленски повика да се забрза испораката на очајно потребните системи за воздушна одбрана Патриот, особено во и околу Харкив.

„Ние брзаме со муниција, оклопни возила, проектили и противвоздушна одбрана со цел тие да стигнат до првите борбени линии“, рече Блинкен, додавајќи: „За секој кој е во искушение да се обложи против Украина, немојте. Тоа ќе биде голема грешка“.

Блинкен, кој посети локална пицерија и настапуваше како гитарист во подрумски бар во главниот град, рече дека билатералниот безбедносен договор со Украина би можел да биде потпишан во наредните недели бидејќи повеќето од, како што рече, „напорната работа“ во преговорите веќе била завршена.

„Заедно поминавме низ времиња на искушенија, целосно сум уверен дека заедно ќе ги надминеме и овие тешки моменти“, рече Блинкен.

Високиот американски дипломат рече дека претседателот Џо Бајден би можел да се сретне со Зеленски за неколку недели и изрази силна американска поддршка за мировната конференција во Швајцарија што треба да се одржи следниот месец.

Блинкен рече дека иако САД не се за тоа Украина да користи американско оружје за напади внатре во Русија, тоа на крај од денот е одлука на Киев.

Ние не охрабрувавме ниту овозможивме напади надвор од Украина, но на крајот Украина треба да донесе одлуки за тоа како да се бори“, рече Блинкен.

Поради тешкотиите со кои се соочуваат украинските сили на бојното поле поради недостаток на оружје и муниција, Зеленски ги одложи сите свои закажани патувања во странство.

Видете и ова: Зеленски ги одложи патувањата во странство поради „тешката“ ситуација на фронтот

Тој требаше да ги посети Шпанија и Португалија и да потпише билатерален безбедносен договор во Мадрид со шпанскиот премиер Педро Санчез на 17 мај. Требаше да се сретне и со шпанскиот крал Фелипе.

На бојното поле, пак, Русија се пробива кон северот на регионот Харкив, а украинската војска на 15 мај соопшти дека презема чекори за да ги спречи руските сили да влезат во северниот дел на градот Вовчанск, кој е на само 5 километри од руската граница.

Вовчанск стана фокус на најновата руска офанзива додека силите на Кремљ се обидуваат да заземат квартови источно од Харкив, вториот по големина град во Украина, со население кое пред војната броеше околу 1,4 милиони.

Московските трупи влегоа во регионот Харкив на 10 мај, отворајќи нов североисточен фронт. Напредокот на руските сили може да доведе до повлекување на дел од ослабените сили на Киев од исток, каде што Русија полека напредува.

Аналитичарите велат дека Русија се обидува да добие максимален импулс на бојното поле пред да пристигне новиот бран воена помош за Киев од САД и европските сојузници.

Градоначалникот на Харкив, Ихор Терехов, на 15 мај за украинската телевизија изјави дека и покрај постојаното руско гранатирање, во моментов нема планови за евакуација на градот.

Сепак, Министерството за вонредни ситуации на Украина објави дека околу 8.000 луѓе се евакуирани од областа.

Во меѓувреме, две лица загинаа во руски напад на градот Днипро во Днепропетровската област 15 мај, објави на Телеграм шефот на регионалната администрација Серхиј Лисак.

Исто така, Михаил Развозаев, гувернер на Крим, назначен од Русија, рече дека бил одбиен „масовен“ украински ракетен напад над градот Севастопол рано наутро на 15 мај.

Видете и ова: Русија тврди дека одбила „масовен“ украински напад врз Крим

Развозаев посочи дека неколку проектили биле соборени над морето и во областа на аеродромот Белбек. Нема податоци за жртви.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека воздушната одбрана соборила 10 ракети со долг дострел над Крим.

Ваквите тврдења, засега не може да се потврдат од независни избори.

Во последните недели, Москва без да посочи докази ја обвинува Украина, дека почнала да користи американски тактички ракетни системи.