Бројни реакции на загриженост и осуда за вооружениот напад врз словачкиот премиер Роберт Фицо, стигнаа од европските лидери.
Фицо денеска (14 мај) попладне беше застрелан со неколку куршуми во словачкиот град Хандлова, каде имаше средба со симпатизери. Тој во моментов се бори за живот, а Министерството за внатрешни работи нападот го квалификуваше како „обид за атендат“.
Меѓу првите кои реагираа беа претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
„Ништо никогаш не може да го оправда насилството или вакви напади“, напиша Мишел на мрежата Икс кој посочи дека е шокиран од веста.
„Моите мисли се со премиерот и неговото семејство“, додаде претседателот на Европскиот совет.
Видете и ова: Обид за атентат врз словачкиот премиер Фицо - нападот бил „политички мотивиран“Фон дер Лајен порача дека силно го осудува напад.
„Ваквите акти на насилство немаат место во нашето општество и ја поткопуваат демократијата, нашето најскапоцено општо добро“, наведе претседателката на ЕК.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, исто така, рече оти е шокиран и згрозен од нападот.
„Му посакувам сила за брзо закрепнување. Моите мисли се со Роберт Фицо, неговите сакани и народот во Словачка“, напиша Столтенберг на мрежата Икс.
Германскиот канцелар Олаф Шолц во реакција на мрежата Икс рече дека е „длабоко шокиран од веста за кукавичкиот напад“.
„Насилството не смее да постои во европската политика. Во овие часови моите мисли се со Роберт Фицо, неговото семејство и граѓаните на Словачка“, напиша германскиот канцелар.
Видете и ова: Кој е Роберт Фицо?Украинскиот претседател Володимир Зеленски порача дека Украина силно го осудува чинот на насилство против шефот на соседната партнерска држава.
„Треба да се нарпави сè за да се осигура дека насилството нема да стане правило во ниту една држава или област“, рече Зеленски.
И премиерот на Полска, Доналд Туск рече дека веста е „шокантна“ и неговите мисли се со Фицо.
Шефот на унгарската влада, Виктор Орбан, исто така, е меѓу првите кои реагираа.
„Длабоко сум шокиран од грозоморниот напад врз мојот пријател, премиерот Роберт Фицо. Се молиме за неговото здравје и брзо закрепнување! Бог да го благослови него и неговата земја!“, напиша унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Како шокантна, веста за пукањето ја оцени и чешкиот премиер Петр Фиала.
„Посакувам премиерот да оздрави што побрзо. Не смееме да толерираме насилство, тоа не смее да има место во општеството“, изјави Фиала.
Шпанија е згрозена и огорчена поради нападот на Фицо, рече и шпанскиот премиер Педро Санчез.
„Шпанија е со Роберт Фицо, неговото семејство и словачкиот народ во ова исклучително тешко време. Ништо не може да го оправда насилство“, напиша Санчез на мрежата Икс.
Реакции и од Западен Балкан
Осуда стигна и од земјите од регионот на Западен Балкан.
Српскиот претседател Александар Вучиќ наведе дека е шокиран од атентатот над Фицо. Тој додаде дека станува збор за негов, но и голем пријател на Србија.
Брзо закрепнување посака и косовскиот премиер Албин Курти.
„Мислите ни се со неговото семејство и народот на Словачка. Нема место за насилство во демократијата“, вели Курти.
Од Северна Македонија засега се огласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и извесен мандатар за формирање на новата влада Христијан Мицкоски, кој порача дека „силно го осудува ужасниот обид за атентат“.
„Ваквите акти на насилство се напад врз демократските вредности што ги негуваме и никогаш не смеат да бидат толерирани“, порача Мицкоски.
Премиерот Фицо веднаш по пукањето беше однесен во болницата во Хандлова од каде со хеликоптер е пренесен во болница во Банска Бистрица, град во централна Словачка. Во објава на неговиот официјален профил на Фејсбук беше посочено дека животот му е во опасност откако бил погоден со неколку куршуми.