Словачкиот премиер Роберт Фицо бил застрелан додека се движел меѓу толпа луѓе во градот Хандлова откако претходно бил одржан состанок на владата, објавија локалните медиуми на 15 мај. Итно беше однесен во болница.
Тој беше погоден со неколку куршими.
По првичните информации дека е во животна опасност, доцна вечерта во средата (15 мај) вицепремиерот во словачката влада Томаш Тараба рече дека очекува Фицо да преживее по операцијата која траеше неколку часа.
Во изјава за „Би-би-си“ тој кажа оти животот на Фицо повеќе не е во опасност.
„Операцијата помина добро и претпоставувам дека ќе преживее. Во овој момент животот не му е во опасност. Тој беше тешко ранет – едниот куршум поминал низ стомакот, другиот во зглоб“, рече Тараба.
Инцидентот со пукањето се случил пред Дом на културата во градот Хандлова, на околу 150 километри од главниот град, каде премиерот имал средба со симпатизерите.
Министерството за внатрешни работи инцидентот го квалификуваше како „обид за атентат“.
Прелиминарната истрага за нападот врз Фицо покажала дека нападот бил „јасно политички мотивиран“, изјави словачкиот министер за внатрешни работи, Матуш Шутај Ешток, пренесува „Асошиејтед прес“.
Ешток пред новинарските собрани пред болницата во Банска Бистрица, додека лекарите го оперираа Фицо, изјави дека осомничениот за атентатот е уапсен.
На неговата изјава се надоврза министерот за одбрана Калинак велејќи дека „нема сомнеж“ оти нападот бил политички мотивиран.
По ранувањето претходно во текот на денот, Фицо првично бил пренсен во болницата во Хандлова од каде со хеликоптер е пренесен во болница во Банска Бистрица, град во централна Словачка.
Очевидци раскажуваа дека слушнале четири или пет истрели. Веднаш по нападот, Фицо беше пренесен во болница со автомобил што може да се види и од видеата објавени по настанот. На фотографии се гледа и како полицијата апси едно лице за кое се претпоставува дека е осомничениот.
Претседателката на Словачка, Зузана Чапутова, го осуди пукањето како „брутален и безмилосен напад“ над премиерот Фицо и потврди дека осомичениот е приведен. Посочи дека надлежните институции ќе дадат повеќе информации кога тоа ќе биде возможно.
„Сите сме шокирани од ужасниот и подол напад над премиерот Роберт Фицо.Можеби се уште не ја сфаќаме во целост сериозноста на она што се случи денеска“, рече претседателката во изјава на мрежата Икс.
„Насилството е апсолутно недозволиво. Говорот на омраза и реториката полна со омраза, на која сведочиме во општеството, доведува до дела од омраза. Дозволете ни да го спречиме ова“, вели Чапутова посакувајќи му брзо закрепнување на премиерот.
Нападот го осудија и бројни европски лидери и САД.
Поларизација на словачкото општество
Вршителот на должноста претседател на словачкиот парламент, Петер Жига, рече дека тоа е напад „на принципите на словачката демократија“.
„Таков ужасен чин никогаш не се случил во словачката историја. Сметам дека е резултат на вознемирени страсти и поделбата на словачкото општество на два непомирливи табора“, додаде тој.
Политикологот Мирослав Радек во изјава за словачкиот јавен сервис рече дека нападот е „врвот на поларизацијата на општеството“.
„Емоциите во општеството се влошија по претседателските избори“, рече тој.
Како Фицо дојде на власт?
Фицо во октомври 2023 по четврти пат беше именувам за премиер за Словачка откако во предизборната кампања ветуваше дека ќе ја прекине воената поддршка за Украина и ги критикуваше санкциите кон Русија.
Обвинувајќи ја либералната претседателка во заминување, Зузана Чапутова, за „либерален фашизам“ успеа да ги убеди граѓаните дека миграцијата и правата ЛГБТИ популацијата сè поголема закана за Словачка од масовната корупција, поради која мораше да се повлече во 2018 година.
Тој имаше и пофали зборови за премиерот на соседна Унгарија, Виктор Орбан, како политичар кој ги брани интересите на својата земја.
Од друга страна, и покрај стравувањата на Брисел и Вашингтон, Фицо во повеќе наврати посочи дека не планира земјата со 5,5 милиони жители да ја извлече од ЕУ или НАТО.