Израелската влада едногласно ја отфрли одлуката на Генералното собрание на Обединетите нации за признавање на палестинската држава, соопшти кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Нема да им дозволиме да формираат терористичка држава од која ќе можат да не нападнат уште повеќе“, рече Нетанјаху.
Како што јави Ројтерс, тој порачува дека никој нема да го спречи Израел да го искористи своето основно право да се брани.
„Ниту Генералното собрание на ОН, ниту кој било друг ентитет“, додаде израелскиот премиер.
Видете и ова: Генералното собрание на ОН ја поддржа палестинската кандидатура за членствоНа 10 мај, Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) со 143 гласа „за“, девет „против“ и 25 „воздржани“, гласаше дека Палестина е подобна за членство и му препорача на Советот за безбедност „поволно повторно да го разгледа ова прашање“.
Гласањето беше глобален тест за поддршката на палестинскиот обид за полноправно членство во ОН – тоа би значело и признавање на палестинската држава откако САД ставија вето за истото прашање во Советот за безбедност на ОН минатиот месец.
Палестинскиот притисок за полноправно членство во ОН доаѓа по седум месеци војна во Појасот Газа меѓу Израел и палестинските милитанти од Хамас, кои САД, ЕУ и некои други земји го сметаат за терористичка организација, како и во период кога Израел ги проширува населбите на окупираниот Западен Брег, што ОН ги сметаат за незаконски.
Резолуцијата која на 10 мај беше усвоена во Генералното собрание им дава на Палестинците некои дополнителни права и привилегии од септември 2024 година, како што е место меѓу членките на ОН во собраниската сала, но не и право на глас.
Палестинците во моментов се „држава набљудувач што не е членка“, што е де факто признавање на државноста доделена од Генералното собрание на ОН во 2012 година, пишуваше АП.
Еден ден пред гласањето, Палестинската мисија во ОН во Њујорк во писмо до земјите-членки на ОН наведе дека усвојувањето на Резолуцијата за поддршка на полноправното членство во ОН ќе биде инвестиција во зачувување на долго бараното решение за две држави.
Видете и ова: Блинкен со остра критика за воените планови на ИзраелСо мисијата во ОН раководи палестинската власт, која има ограничена самоуправа на Западниот Брег.
Хамас, кој е прогласен за терористичка организација од САД и ЕУ, ја собори палестинската власт во Газа во 2007 година и усвои своја повелба која повикува на уништување на Израел.
Оваа милитантна група, изврши напад врз Израел на 7 октомври по што следуваше израелската офанзива врз Газа.
Обединетите нации долго време ја поддржуваат визијата за две држави кои опстојуваат една до друга во безбедни и признати граници.
Палестинците сакаат своја држава на Западниот Брег, Источен Ерусалим и Појасот Газа, сите територии што Израел ги освои во војната со соседните арапски држави во 1967 година.
Мисијата на САД во Обединетите нации, пак, претходно соопшти дека „останува ставот дека патот до државност за палестинскиот народ е преку директни преговори“.